Верниците на Римокатоличката црква денеска го слават најголемиот христијански празник – Воскресение Христово, Велигден.
Централното одбележување во државава традиционално се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што синоќа беше отслужена свечена Воскресна литургија, пренесе МИА.
На литургијата присуствуваа претседателката Гордана Силјановска-Давкова, претставници на институциите, верските заедници, дипломатскиот кор и бројни верници. Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата, по што беше внесена воскресната свеќа – симбол на Христовото воскресение.
Литургијата ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов, кој во својата проповед упати пораки за вера, надеж и мир.
– Велигден е дар од Бога и повик за сите верници да внесат светлина во времето на кризи и неизвесност. И покрај конфликтите и страдањата во светот, љубовта мора да биде посилна од омразата, а злото не смее да го има последниот збор – порача Стојанов.
Тој се осврна и на актуелните глобални случувања, посочувајќи дека војните и страдањата, особено во Украина и на Блискиот Исток, оставаат длабоки последици врз човештвото и повика на молитва и заложба за мир.
Во обраќањето беше истакнато и значењето на верата во секојдневниот живот, како и улогата на христијаните да бидат носители на надеж, сочувство и солидарност.
На крајот од литургијата, бискупот Стојанов им го честиташе празникот на верниците со традиционалниот поздрав:
– Христос воскресе! – порача тој.
































