Фото: Маја Јаневска Илиева

Мирот, љубовта, здравјето и Божјиот дух да бидат дел од сечиј дом, е главната порака која денеска, по повод најголемиот христијански празник Велигден, ја упати државниот врв во Македонија и лидерите на политичките партии. Тие, во своите честитки, се обврзуваат да истраат во она, како што велат, најдоброто за Македонија и граѓаните – просперитет, обединетост и одговорни политики.

-Во овие возвишени и благодатни денови, кога се открива тајната на животот како победа над смртта, а светлината торжествува над темнината, од срце Ви посакувам во Вашите домови да се вселат мирот, љубовта, здравјето и Божјиот дух – порача претседателката Гордана Силјановска Давкова во својата велигденска честитка.
Во време на тешки општествени превирања, големи искушенија и силни и морални предизвици, порача таа, мораме да истраеме во добродетелите, обединети околу вредностите на човекољубието, солидарноста и заемната почит.

Премиерот Христијан Мицкоски во честитката по повод Велигден посака здравје, мир и благосостојба во секој дом.

-Велигден не е само празник на верата, туку и симбол на надежта, обновата и победата на животот над искушенијата. Тој нè потсетува дека по секоја темнина доаѓа светлина, по секој предизвик – нов почеток, а по секоја жртва – заслужена надеж – вели Мицкоски во честитката.
Тој додава оти е свесен дека постојат неизвесности и предизвици, но, вели, нашата определба е јасна, да продолжиме со одговорни политики, да ја зајакнеме економијата, да го заштитиме животниот стандард и да создадеме сигурна иднина за сите.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, им го честита на сите православни верници денешниот голем христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, истакнувајќи дека Велигден е симбол на спасението.
-Велигден е симбол на спасението, празник кој го означува крајот на Христовите страдања – празник кој ни дава сила и носи надеж за нови и подобри почетоци, за справување со предизвиците, вели Филипче во честитката.

Честитка упати и претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши.

-Велигден е празник што носи пораки на надеж, духовна обнова и зацврстување на вербата во доброто, човечноста и заедништвото. Во овие празнични денови, кога се слават љубовта, солидарноста и меѓусебната почит, уште еднаш се потврдува значењето на вредностите што нè поврзуваат како општество и нè упатуваат кон заеднички напредок – вели Гаши во честитката.

Велигденски честитки и пораки денеска упатија и претставници на политичките партии, граѓански здруженија и голем број институции, со желба за здравје и благосостојба во секој дом.