„Охридскиот конгрес на правото 2022“ со учество на околу 150 млади правници-студенти од просторот на Западен Балкан, свечено ќе биде отворен вечерва во 20 часот во хотел „Силекс“ со обраќање на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и деканот на Правниот факултет “Јустинијан Први” Скопје – Професор д-р Сашо Георгиевски. Темата на овој конгрес на младите правници-студенти, кој за првпат се одржува во Македонија е „Положбата на судиите на Балканот и нивна институционална и лична независност“.
– Имаме различни предавачи од секоја областа за судството, како што е и темата на самиот конгрес, кој е во организација на Факултетското студентско собрание и студентите на Правен факултет “Јустинијан Први”. Со нас ќе бидат од Правниот факултет при УКИМ во Скопје, професорите Димитар Гелев и Тимчо Муцунски, потоа други многу искусни познавачи на правото, меѓу кои и Ѓорѓи Сламков, поранешен претседател на антикорупциската комисија, кој ќе говори за судството и борбата против корупцијата, Јован Андоновски, заменик народен правобранител, Никола Довлев – јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Охрид, Билјана Белевска Пројковска – судија во Основен суд Охрид, Елена Гошева, поранешна претседателка на уставен суд – ни изјави Тијана Тесалоника Шишкоска, член на Организацискиот одбор на „Охридски конгрес на правото 2022.
Покрај предавањата на конгресот, планирани се и дебатни и спортски турнири меѓу студентите, вечерна дружба и посета на Свети Наум, а после завршување на работниот дел разглед и прошетка низ Охрид.
„Нова Македонија“ е медиумски покровител на Конгресот.