Контровезиите предизвикани со неодамнешното отворање на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола се прелејаа и во Србија, каде што најстариот дневен весник „Политика“ остро го осуди чинот, како и однесувањето на бугарските власти, што пак наиде на негодување од бугарските медиуми.
– Она што се случи неодамна под македонското сонце во Битола, градот на почесните конзули, колку и да делуваше нереално, за жал не е бајка. Сагата за тој настан можеме да ја почнеме вака – 77 години по победата над фашизмот во Македонија, оваа несреќа од минатото повторно стана актуелна тема. „Добрососедската“ земја на Македонија испрати нејзина делегација уште еднаш да го понизи македонскиот народ со отворањето на бугарскиот културен центар во Битола чие име е „Ванчо Михајлов“. А тој беше соработник на Хитлер, Мусолини, Павелиќ, бугарскиот цар Борис Трети… – пишува белградска „Политика“ за отворањето на бугарскиот културен центар во Битола.
Белградскиот весник изрази негодување и за политиката на Бугарија кон Македонија, односно за присуството на бугарската делегација предводена од премиерот Кирил Петков на отворањето на културниот центар.
– На македонскиот народ во текот на тие мрачни времиња, не само што му беше оспоруван македонскиот индетитет, туку беше гашен и со фашистичката чизма. Дали именувањето на културниот центар ја крие пораката „ова е Бугарија“? Овој бугарски чин што ја рехабилитира нацистичката и фашистичката идеологија, го промовираше, ни помалку, ни повеќе, бугарскиот премиер Кирил Петков. Ниту тоа не беше се. Нокаут е неговата изјава оти тоа е мост „помеѓу двете држави“, и тоа во време кога официјалната бугарска политика смета дека Македонија може да влезе во ЕУ само како земја во која живее народ чие потекло е бугарско, како и дека Бугарите мораат да бидат дел од Уставот на Македонија – наведува дописникот на „Политика“ од Скопје, заклучувајќи дека сеништето на фашизмот повторно се појавила под македонското небо, со заоѓањето на „јасното сонце“.
Бугарски „БГНЕС“ реагираше на објавата на политика, наведувајќи дека белградскиот весник ги повторил сите антибугарски пишувања од Македонија во изминатите две недели, во „заедничкиот напад на Скопје и Белград“.
– Во текстот не пропушта ниту една референца за антибугарската реторика на македонските политичари, но публикацијата си дозволува бугарската делегација во Битола да ја опише како „фашистички марш – јави известувачот на „БГНЕС“, пренесувајќи го текстот на „Политика“.