Од приемот на учесниците, преку процесот на разгледување на владините извештаи и одлуки, па до традиционалната церемонија на служење чај за време на третата седница на 14-от Национален комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција, целиот протокол се одвива беспрекорно прецизно, како според кореографија испланирана до најситни детали. Во таква атмосфера се разгледуваат извештаи и одлуки што ќе го одредат не само правецот на кинеската политика, туку и на бројни процеси во глобални рамки
„Нова Македонија“ на најголемиот годишен политички собир во Кина – „Две сесии“
Уникатната структура на кинескиот политички систем, ангажманот на политичкото водство на Народна Република Кина и начинот на носење одлуки при управување со државата со преку 1,4 милијарди жители, веројатно најдобро можат да се согледаат преку импресивната организација на најважниот годишен политички собир – т.н. „Две сесии“, што неделава се одржува во Пекинг, а особено на третата седница на 14-от Национален комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција одржана во вторникот.
Од приемот на учесниците, преку процесот на разгледување на владините извештаи и политики, па до традиционалната церемонија на служење чај, целиот протокол се одвива беспрекорно прецизно, како според кореографија испланирана до најситни детали. Во таква атмосфера се разгледуваат извештаи и одлуки што ќе го одредат не само правецот на кинеската политика, туку и на бројни процеси во глобални рамки. Минатата година биле доставени вкупно 6.019 предлози, при што разгледан е 5.091 предлог, додека одобрени се 99,9 отсто од предлозите, како што беше истакнато во извештајот за работата на Конференцијата што го претстави шефот на највисокото политичко советодавно тело во Кина, Ванг Хунинг.
Сѐ е под конец: Од безбедноста до политичките процеси
Почнувајќи од самиот влез во Големата сала на народот на плоштадот Тјенанмен во центарот на Пекинг, се поминува низ неколку прстени на обезбедување, но спроведувањето на неопходните безбедносни протоколи се одвива бргу и без застој, што поминува речиси незабележително. Ова е потфат за особена пофалба, земајќи предвид дека за настанот се акредитирани над три илјади новинари и илјада фоторепортери од целиот свет, покрај делегатите и останатите учесници од цела Кина.

По влезот на делегатите во салата и интонирањето на кинеската химна, почнува процесот на обраќање на највисоките официјални лица, при што се разгледуваат извештаите. Притоа доаѓа до речиси синхроно вртење страници на присутните учесници, со што се создава впечатлив звук, налик на ненадеен плисок на летен дожд што бргу поминува. Придружните индивидуални излагања на учесниците на собирот исто така предизвикуваат голем интерес меѓу присутните новинари, кои со особено внимание ги следат нивните обраќања и потоа ги опкружуваат при нивното излегување од салата, со цел да добијат изјави од нив. Внимание привлекува и церемонијата на служење чај во текот на која персонал во идентични униформи, грациозно и кореографирано се движи меѓу делегатите за да ги послужи со освежителниот напиток. Сето тоа ја прави церемонијата интересна за следење, дури и без разбирање на кажаното од страна на говорниците. Слична атмосфера беше присутна и на најавната прес-конференција во пресрет на „Двете сесии“, на која портпаролот на Националниот комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција, Лиу Џијеји стрпливо одговараше на новинарски прашања. Повеќемина присутни новинари, сниматели и фоторепортери поради големиот интерес за прес-конференцијата мораа да се снајдат за да дојдат до поволно место во салата, но немаше никаква врева, ниту непријатност, туку сите успеаја мирно и тивко да заземат позиции, а потоа уследија новинарските прашања, кои добиваа отворени и обемни одговори.
Известувањето од „Двете сесии“ е ретка привилегија и професионален предизвик, што овозможува единствена прилика за поглед одблиску врз ефикасниот начин на работа на кинескиот политички систем, со цел за доближување на импресивниот процес до јавноста. Во пресрет на „Двете сесии“, организаторите истакнаа дека Кина дополнително ќе ги отвори своите врати пошироко кон светот, што навистина се случува деновиве во Пекинг.

Импонира отвореноста на кинеските медиуми за соработка
„Двете сесии“ предизвикуваат голем интерес меѓу домашните и странски медиуми со акредитирани околу три илјади новинари и илјада фоторепортери и сниматели од целиот свет. За пофалба е и начинот на работа на кинеските новинари кои го следат настанот со голем интерес и ентузијазам, притоа користејќи ја секоја прилика да разговаат со присутните колеги од странство. Во текот на разни настани во рамки на „Двете сесии“, странските новинари кои доаѓаат од целиот свет, вклучувајќи ме и мене, одговараа на бројни прашања од страна на кинески медиуми во врска со нашата посета на Кина и следењето на „Двете сесии“, на љубезно барање на домашните новинари. Нивната отвореност за соработка и за размена на информации се покажува како особено корисна при известувањето од Кина.
– Како новинарка на интернационална придружница на кинеската државна телевизија, моја улога е да помогнам за давање „превод“ за Кина за глобалната публика. Соработката со странските колеги е особено важна, бидејќи дава увид во нивните интереси и наративи – наведува Хуанг Феи, новинарка на кинеската државна телевизија „Си-џи-ти-ен“.