Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје денеска додели награди за најдобар успех на дипломираните студенти од сите факултети во негов состав во учебната 2021/2022 година, како и наградите „26 Јули“ за најдобри студенти од областа на архитектурата, општествените науки и уметностите од Фондацијата „Франк Манинг“ од Лондон.
Награди за првенци на генерација добија 23 студенти од исто толку факултети на Скопскиот универзитет: Моника Шаревска од Машинскиот факултет; Стефан Неделковски од Медицинскиот; Бојан Софрониевски од ФЕИТ; Јелена Спиревска од Филозофскиот; Андреј Стојановски од Филолошкиот факултет; Ана Гаштаровска од ФМУ; Антонио Андоновски од ПМФ; Стефан Божиновски од ФЛУ; Милена Трајаноска од ФИНКИ; Вероника Стојановска од Технолошко-металуршкиот; Ники Петрески од Шумарски факултет; Марина Главче од Економскиот; Зорана Антовска од Правниот факултет; Симона Цветковска од Земјоделскиот; Нена Гонтарева од Факултетот за физичко образование; Кристина Главче од Педагошкиот факултет; Елена Настеска од Архитектонскиот; Јована Спасиќ од ФДУ; Марко Ѓорѓиески од Градежниот факултет; Ева Ристова од Факултетот за дизајн и технологии на мебел; Христина Љокова од Стоматолошкиот факултет; Симеон Здравески од Православниот богословски факултет и Емилија Митревска од Фармацевтскиот факултет.
Наградите им се доделуваат на оние студенти кои додипломските студии ги завршиле во рокот и со просечна оценка најмалку 9, а врз основа на предлозите од факултетите на УКИМ. Наградата се состои во паричен износ, кој секоја година го определува ректорот во зависност од средствата со кои располага Универзитетот за оваа намена, и златник со ликот на светите Кирил и Методиј.
На свеченоста во Ректоратот на УКИМ беа доделени и наградите „26 Јули“ за академската 2021/2022. Шест студенти добија награда во износ од 15.500 денари што ги доделува Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија. Им се доделува на најдобри студенти од областа на архитектурата, општествените науки и уметностите кои во текот на студирањето имаат просечен успех од најмалку 8.
Наградата оваа година ја добија: Анита Иванова од Филолошкиот факултет; Ристо Савески од Филозофскиот факултет; Стефан Божиновски од ФЛУ; Марина Главче од Економскиот факултет; Зорана Антовска од Правниот и Фросина Станковска од Архитектонскиот факултет.
Наградите им ги врачи ректорот на Скопскиот универзитет Никола Јанкуловски, кој истакна дека студенти наградени за најдобар успех „со својата одличност за нијанси се издвоија од нивните колеги и станаа први меѓу еднаквите по квалитет во својата генерација“.
-Денес им оддаваме признание и благодарност за нивните извонредни успеси, но и за нивниот голем интерактивен придонес во развојот и унапредувањето на дејностите на УКИМ, посебно во наставно-образовната дејност. Нашите најдобри студенти со своите успеси постигнати во текот на студиите учествуваа во дефинирањето на насоките за континуирано подигнување на квалитетот на студирањето на УКИМ како најстар, најдобар и најголем универзитет во Република Македонија, а со тоа имаа значајна улога во неговиот развој, напредокот и афирмацијата во сите области и дејности – истакна Јанкуловски.
Во име на наградените студенти, благодарност до УКИМ искажа Андреј Стојановски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ кој рече дека радоста и задоволството за наградите се уште поголеми затоа што нивниот успех е резултат на нивните умствени и духовни напори, интелектуалната љубопитност и глад за знаење, а не на трката по признанија.
Заблагодарувајќи се на професорите, нивните факултети и Ректоратот, рече дека не само што им изразуваат чест, туку и ги поттикнуваат да вложуваат уште повеќе сили во остварувањето на нивните амбиции.
-За млади луѓе кои сега се на почетокот на своите кариери, ваквиот вид препознавање и поддршка има многу повеќе од симболична вредност – рече Стојановски.