Ќе се формира комисија што ќе предложи корекции на постојниoт или изработка на нов учебник по историја и општество за петто одделение, информираа попладнево од Министерството за образование и наука.
– Како резултат на увидените грешки во учебникот по историја и општество за петто одделение, целосно оправданите реакции на јавноста и согласно дописот од Здружението на историчари, Министерството за образование и наука и Педагошката служба информираат дека ќе се формира комисија што ќе ја преиспита целата содржина и ќе даде предлог за соодветни корекции. Комисијата ќе има законски утврден рок од 10 дена за да достави извештај до министерот за образование и наука, а потоа конкретни насоки за постапување ќе бидат испратени до економскиот оператор задолжен за графичко уредување, превод, печатење и дистрибуција на учебникот – се појаснува во соопштението.
МОН апелира до надлежните стручни тела и органи што се дел од процесите на одобрување на учебници, да продолжат да работат на подобрување на содржината на учебниците што се користат во основното и средното образование.
– Секако, во целиот процес и понатаму ќе биде вклучена јавноста, односно граѓаните кои имаат можност да доставуваат коментари, сугестии и забелешки за учебниците на електронската адреса [email protected] -додаваат од Министерството.