Фото: Приватна архива

Трудот на македонска пејачка и музичарка Андријана Јаневска на тема „Македонското традиционално народно пеење во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ за нас Македонците е од непроценливо значење, бидејќи, меѓу другото се намалува просторот за фалсификување на нашата, македонска народна песна, оценува Никола Ѓурѓај, претседател на МД „Илинден”-Тирана.

Според него, во овој труд, се опфатени неколку многу важни теми за Македонците во Албанија, а започнува со стандардниот вовед за запознавање на читателите со темата која се обработува.

– Потоа, д-р Јаневска се задржува на географско-историските и демографско-социополитички особености во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Покрај тоа, дава и осврт врз досегашните проучувања на музичкиот фолклор на Македонците, потоа обредите и обредно пејачките жанрови кои се поделени на календарски обредни песни, песни од животниот циклус, ороводни песни, лирски песни, печалбарски песни и балади – додава Ѓурѓај.

Се обработува и тема за традиционалните музички инструменти кои Македонците ги користат при изведбата на македонските народни песни, потоа современата состојба на македонскиот музички фолклор во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора.

Исто така, претставени се фолклорни манифестации, собири и фестивали, како и медиумското претставување на традиционалните пејачки форми кај Македонците во трите области.

-Особено значаен дел во овој труд претставува делот во кој ги обработува структурно-композициските законитости на македонските народни песни преку метроритмичката компонента на песните, како и со обработка на мелодиско-созвучната компонента во македонските народни песни во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, посочува тој.

Од исклучително значење за македонската традиција во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора претставуваат прилозите во кои се наоѓаат напеви и поетски текстови во традиционалното народно пеење на Македонците и дијалектни текстови во трите области, речникот на помалку познати зборови и дејалектизми во текстовите, регистри, илустрации.

– Без намера да правиме детална анализа или рецензија на докторскиот труд на д-р Андријана Јаневска, нам, на Македонците во Албанија нѝ претставува особена чест што еден македонски научник ја документираше и ја обработи македонската народна песна која со векови се пренесува од колено на колено во македонските средини во Албанија – рече Ѓурѓај.

Докторската дисертација Јаневска ја одбранила вчера во Институт за фолклор „Марко Цепенков” на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Фото: МИА