Анкетата на „Транспаренси Интернешнл-Македонија“, во рамки на проектот „Бистро-Матно“, како „Матни настани за месец март 2023“ година ги издвои: „ИРД инженеринг“ ќе биде консултант и надзор за автопатиштата на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради „Бехтел и Енка‘“, потоа „Судир на интереси на Агенцијата за филм при распределба на средствата за ланскиот конкурс“. Трет матен настан е „Застарување на судски предмети“ и четврт „Тројцата ексдиректори од случајот „Маџар телеком“ осудени во отсуство на по 8 години затвор“.
За месец март се издвоени и два бистри настана и тоа: „Обвинителство отвори предмет за надзорот на автопатиштата на ’Бехтел и Енка‘“ и „Службеничка во Општина Кавадарци одбила поткуп од 500 евра“.
Првиот матен настан „’ИРД инженеринг‘ ќе биде консултант и надзор за автопатиштата на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради ’Бехтел и Енка‘“ се посочува во соопштението дека неколку партнерски фирми во конзорциумот имаат претходна историја со неетичко и неодговорно постапување во својата работа.
– Меѓународниот конзорциум „ИРД инженеринг“ ќе биде консултант и надзор за автопатиштата на коридорите 8 и 10д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Понудата на „ИРД инженеринг“ е во износ од 1.374.304 070 денари (22,35 милиони евра). Неколку партнерски фирми во конзорциумот имаат претходна историја со неетичко и неодговорно постапување во својата работа, истакнуваат од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.
Во однос на вториот матен настан се посочува дека поради необјективното и пристрасно работење на Агенцијата за филм во ланскиот конкурс за финансирање на краткометражни и долгометражни филмови, „Транспаренси Интернешнл – Македонија“ им препорача на Владата и на ресорното министерство да побараат од Агенцијата да го повтори конкурсот за 2022 година откако ќе обезбеди целосна непристрасност и објективност кај сите учесници. На Владата дополнително ѝ се препорачува да ги преиспита одлуките на Агенцијата за филм во овој конкурс и да преземе соодветни мерки.
Во врска со третиот матен настан „Застарување на судски предмети“ се посочува укинувањето на пресудата против Драган Даравелски од страна на Кривичниот суд поради настапување на апсолутна застареност.
– Даравелски баран со потерница 20-ина години, се појави на граница во јануари, кога беше уапсен. Но, веќе се знаеше дека кривичното дело му е застарено. Тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Сега нема да мора да ги врати ни парите – велат од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.
Оттаму како втор случај го посочуваат застарувањето на судскиот предмет за Сашо Мијалков. Според информациите од обвинителството, делото „Примање награда за противзаконито влијание за предметот ‘Титаник 2’ застарува на 7-ми април“.
– Овие предмети не успеаја да добијат правна разрешница, преку извршување на санкцијата и правосилно завршување на постапката – истакнуваат од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.
И последниот, односно четвртиот матен настан е поврзан со тројцата ексдиректори од случајот „Маџар телеком“ осудени во отсуство на по осум години затвор.
– По осум години затвор во Основниот кривичен суд, во отсуство, добија тројцата поранешни директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус. Случајот „Маџар Телеком“ во македонските правосудни органи трае уште од 2011 година. Станува збор за случај во кој поранешните директори на „Телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, се товарат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата за околу два милиони евра, бидејќи Владата во „Телеком“ во тој период поседуваше 47 отсто од акциите. Случајот после 12 години неактивност на судот, се пресуди со првостепена судска одлука, без да се води постапката за актерите од Македонија – велат од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.
За бистри настани во март се издвоени два и тоа: „Обвинителство отвори предмет за надзорот на автопатиштата на ’Бехтел и Енка‘“ и „Службеничка во Општина Кавадарци одбила поткуп од 500 евра“.
Во однос на првиот настан Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по допрен глас отвори предмет за надзорот на изградбата на автопатиштата, кои се дел од коридорите 8 и 10-д.
– Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката – посочуваат од „Транспаренси Интернешнл-Македонија“.
Вториот позитивен или бистар настан е „Службеничка во Општина Кавадарци одбила поткуп од 500 евра“.
-Двајца скопјани добија кривична пријава откако се обиделе да поткупат службеничка од Општина Кавадарци со 500 евра со цел да не изврши службено дејствие кое морала да го изврши – надзор врз градежни работи, соопштено е од полицијата.