Фото: Принтскрин/видео РСЕ

Директорот на Јавното претпријатие „Национални шуми“, Здравко Трајанов, изјави дека претпријатието е во очајна финансиска состојба со наследен долг од 10 милиони евра. Тој информираше дека стотици луѓе се вработени на огласи за дрвосечачи од страна на претходната власт, а кои сега седат во канцеларија и дека има четири неисплатени плати на вработените.

Во интервју за Радио Слободна Европа, Трајанов вели дека претпријатието е уништено.

– Тоа беше така кога дојдовме на работните места, јас како в.д. директор и мојот тим помошници директори. Претпријатието буквално беше оставено на стихија, имаше неисплатени четири плати, имаше огромни долгови, имаше блокирана сметка и опасност од многу наши соработувачи да бидеме исклучени. Такви беа Макпетрол во однос на горивото, Телеком во однос на телефонските услуги, ЕВН во однос на струјата и така натаму – рече Трајанов.

Според него, наследениот долг од близу 10 милиони евра, можеби ќе биде и поголем.

– Затоа што верувале или не, во дел од подружниците со кои раководам, воопшто не се прави книжење на целокупното финансиско работење и можеме да претпоставиме дека ќе има и дополнителни да речеме скриени финансиски импути кои ќе се на страна на загубата на претпријатието – дополнува тој.

Во однос на наводите дека во претпријатието недостасуваат пет милиони денари, а податоците од Министерство за финансии покажуваат дека од почетокот на годината немаат неплатени обврски, Трајанов одговори дека во претпријатието ги нема парите со кои требало да бидат исплатени плати.

– Јавното претпријатие кое стопанисува со еден од најважните ресурси во државата, а тоа е дрвото. Прашањето е, зошто претходната власт, знаејќи го значењето на ова претпријатие, дозволило да биде со блокирана сметка. Блокираната сметка, предизвикала домино ефект: Неисплатени плати, неисплатени даноци, но и многу опасно немање на производство. Ова претпријатие се финансира од својата дејност и своите дејности. Тука доминантно е производството на сортименти од дрво. Во таква ситуација претпријатието е блокирано и доведено во ситуација во шести месец, наместо да имаме 350 000 м3 производство, претпријатието има одвај 90.000 метри кубни производство – појаснува тој.

Во врска со прашањето за справувањето со пожарите, Трајанов посочува дека од 80 до 140 вработени секојдневно учествуваат во гаснењето на пожарите.

– Одговорно тврдам дека со нашето доаѓање сите вработени во Ј.П. „Национални шуми“, особено тие што се задолжени за гаснење на пожари, а тоа се луѓе кои имаат поминато соодветна обука, кои ја знаат проблематиката на гаснење на шумски пожари, знаат каков тип на облека и опрема треба да поседуваат и се искусни, можеби и најискусни за гаснење на шумски пожари во државата, уште од првиот ден и првите пожари, ревносно, без никаков изговор, сите ги прифатија работните задачи и учествуваа во гаснењето на пожарите – вели тој.