Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека континуирано е во комуникација со родители, но, оти не сака да го користи тоа за ПР и за медиумска експлатација, откривајќи дека веќе бил во Кочани, каде имал средба со дел од родителите на настраданите во дискотеката „Пулс“.
– Тоа што можам да го сторам како министер и тоа што сум должен да го направам, ќе го направам, но, нема од тоа да профитирам медиумски. Имаше многу разговори, имаше многу конструктивни разговори со тие родители – изјави Тошковски, во интервју за МРТВ.
Зборувајќи за пожарот во кочанската дискотека, Тошковски, рече дека „еден од најновите обиди за манипулација што ги прави опозицијата е дека истрагата завршила, а информациите не биле достапни до јавноста“.
– Истрагата во делот на процесот што се води од страна на Основното јавно обвинителство – Кочани, формално е завршена. Но, тоа не значи дека доколку се најдат одредени докази, а се поврзани со конкретно кривично дело, нема да бидат процесуирани спрема оние сторители, потенцијални осомничени или идни обвинети каде што ќе има конкретни докази како што беше и со оној фиктивниот сопственик којшто го кажавте претходно поврзан со, односно реалниот сопственик поврзан со правното лице за обезбедување на предметната дискотека. Тоа е едниот факт, а вториот е лагата на опозицијата дека истрагата е целосно завршена. Не е точно. Истрагата што се води од страна на Обвинителството за организиран криминал сѐ уште е во тек и не е завршена – посочи Тошковски, кој гостуваше на „Македонската радио телевизија“.
Тој изрази уверување, дека од она што досега бил информиран, докази имало огромен број и за многу лица, за дејствија и не дејствија.
– Тезата на опозицијата дека не одговараат моментални функционери што од петни жили се обидуваат да ја наметнат на јавноста, е, погрешна. Во рамки на оваа постапка, факт е дека е осомничен еден актуелен министер. Осомничени се поранешни, но, осомничен е и еден актуелен министер. Факт е дека во рамки на оваа постапка се осомничени и поранешни директори, но, осомничен е и моментален директор на Дирекција за заштита и спасување. Факт е дека во рамки на оваа постапка имаме осомничено поранешни градоначалници, но, факт е дека имаме осомничено и сегашен градоначалник – рече министерот.
Тошковски рече дека лага било и тоа оти не се опфатени моментални надлежни полициски функционери.
– Исто како што е лага дека полициските функционери наводно кажано коишто биле надлежни вечерта, сѐ уште ги обавувале истите функции. Не е точно – нагласи Тошковски.
Прашан за барањата на блиски на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ да одат во Кочани и лично да се сретнат со нив, Тошковски рече дека бил во Кочани и се видел со дел од родителите.
– Јас бев во Кочани. Бев, се видов со добар дел од родителите – одговори министерот.
Пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, што се случи рано изутрина на 16 март, зеде 62 жртви, а околу 200 повредени беа пренесени на лекување низ болници во државава и во странство.