За семејното насилство треба да се дискутира, но лошо е што на оваа важна тема ѝ давате политичка димeнзија и што ги посочувате случаите и зборувате за жртвите во изминатата една и пол година – истакна денеска од говорницата на македонското Собрание министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска одговараше на прашање поставено од пратеничката Сања Лукаревска за последните случаи на семејно насилство.
Министерот Тошковски рече дека тоа што жртвите на семејно насилство се охрабруваат и ако пред една и пол година имало само по еден случај на територијатата на СВР Скопје, сега се регистрираат дневно по два-три случаи на семејно насилство.
Посочи дека сега треба да се подобри системот во делот на заштитата на жртвите на семејно насилство. Законот за заштита на жртвите од семејно насилство е донесен пред шест години, пренесува МИА.
– Проблемот е што оттогаш до сега, шест години законот има одредби што се во колизија со други, што не овозможуваат Министерството за внатрешни работи да биде ефикасно така како што треба, што не овозможуваат судот да спроведе една постапка, која ќе му биде потврдена од страна на Апелација, односно Апелација ги враќа предметите назад до Основниот суд поради тоа што Основниот суд дополнително не ја виктамизирал жртвата, па да ја повика на главна расправа. Таа морала да биде присутна во согласност со одредбите на Законот за парничната постапка, што именувавте итн. Кога се влегува во системско решение на проблеми, тоа не треба да биде една шведска маса, па од овде да си избереме да земеме морковче, ваму да каснеме мевце. Треба целосно да го решиме проблемот. Вие, за жал, не сте го решиле, јас би бил многу среќен да сте го решиле проблемот – речеТошковски.
Тој посочи дека од 2021 година до денес не е донесен правилник за обуки на полициските службеници, кој требало да биде донесен во согласност со Законот за семејното насилство.
– Да, не е донесен една и пол година во време на ВМРО-ДПМНЕ и четири и пол во време на СДСМ, ама јас не велам дека не е донесен само во четири и пол години во време на СДСМ. Дали ја гледате разликата, го констатираме проблемот, ќе постапиме максимум во рамките на нашите надлежности и максимум во нашата енергија за да ги намалиме ваквите случаи. Семејно насилство имало, има и ќе има. Ниту јас ниту кој било друг не може да преземе обврска дека ќе го реши насилството во Македонија – рече Тошковски.
Тој истакна дека МВР и другите државни институции треба да направат сè за да ги минимизираат случаите на семејно насилство и државата да се изгради со капацитети, кои ќе може да одговарат при случаи на семејно насилство.































