За околу 20 отсто е намален бројот на сообраќајни несреќи на територија на СВР Скопје во декември 2025 споредено со декември 2024 година, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во истите периоди има и помалку повредени и смртни случаи во сообраќајки. Како што рече, околу 35 проценти има помалку повредени лица на подрачје на СВР Скопје отколку во декември 2024 и нема жртва во сообраќајка наспроти пет загинати во 2024.
Им се заблагодари на возачите на територија на СВР Скопје „за животите коишто ги спасија тие имајќи ја предвид 2025 компарирано со 2024 година“.
– Ова е заслуга на секој што управува моторно возило согласно со сообраќајните правила и од срце им благодарам – рече Тошковски денеска при посетата на Полициската станица Беко.
Денеска требаше да стапи во сила официјалното функционирање на системот „Безбеден град“ (Safe City) кој е во тест период до 1 февруари до кога треба да биде изгласан Законот за прекршоци.
Тошковски апелираше до сите пратеници во Собранието да ги имаат предвид овие параметри кои, рече, се позитивен резултат од „само тест периодот на употребата на овој паметен систем на детектирање сообраќајни прекршоци“.
– Доколку македонските граѓани покажуваат вакви резултати во позитивна насока, само во тест периодот, сигурен сум дека пратениците ова ќе го имаат предвид и во иднина и тоа како ќе овозможат ваков тип на паметен систем да имплементираме не само во рамки на тест период, и очекувам од сите 120 пратеници во Собранието да гласаат позитивно за Законот за прекршоци, којшто е со двотретинско мнозинство. Другите генерално се завршени, останаа мислам уште Законот за прекршоци и Кривичниот законик да поминат за да можеме да го затвориме пакетот закони поврзани со имплементирање на „Сејф сити“. Очекувам дека ќе го направат најбрзо што можат и од 1 февруари да почнеме и со официјална примена и да очекуваме во иднина намалување на бројките на жртви и вкупен број сообраќајни несреќи од непочитување сообраќајни правила во цела Македонија – истакна Тошковски.

































