Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го промовираше „Планот за професионален интегритет 2026–2028“, документ со кој треба да се зајакнат транспарентноста, одговорноста и етичките стандарди во работењето на полицијата.
Промоцијата се одржа во рамки на програмата на ДЦАФ за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Македонија, а настанот беше посветен на претставување на клучните приоритети и мерки предвидени со новиот план.
Во своето обраќање, Тошковски нагласи дека интегритетот е основа на современа и професионална полициска служба, истакнувајќи дека вредности како чесност, доверба и одговорност се клучни за зајакнување на владеењето на правото.
– Планот за професионален интегритет 2026–2028 претставува значаен инструмент во борбата против корупцијата. Нашата цел е јасна – нула корупција во полицијата. Само со транспарентност и доследна примена на законите можеме да изградиме институција во која граѓаните ќе имаат доверба – изјави Тошковски.
Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи, во координација со Владата, континуирано работи на подобрување на механизмите за превенција, откривање и санкционирање на корупцијата, како и на зајакнување на професионалните капацитети на полициските службеници преку обуки и развој на етичките стандарди.
Планот, заедно со акцискиот документ, треба да обезбеди понатамошен развој на модерна, транспарентна и одговорна полиција, усогласена со европските стандарди и принципите за заштита на човековите права.
Министерот изрази благодарност до Европската Унија, како и до Швајцарија, Шведска и Холандија, за континуираната поддршка во реформите на безбедносниот сектор.
































