Денес не сме тука за да потсетиме на минатото како на нешто изгубено, туку за да се инспирираме од него. Да ја претвориме жртвата на нашите предци во сила што не носи напред. Денес од Трново, испраќаме порака на самодоверба, дека сме обединети, дека можеме, дека сакаме. Не за да бидеме против некого, туку за да бидеме за себе, за Македонија, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на традиционалната семакедонска средба што се одржа во потпелистерското село Трново.
На народниот собир, во дворот на црквата Успение на Пресвета Богородица, министерот Тошковски нагласи дека државата не е случајна творба, туку резултат на вековна борба.
– Секој народ има ден во годината кога не само што слави, туку се собира со глава крената високо, си ја прегрнува татковината со гордост и си ветува себеси дека нема да се откаже, ниту од својот корен, ниту од своето име, ниту од својата чест. За нас Македонците, тој ден е Илинден. Собрани овде во Трново, ние сме жив доказ дека Македонија не е случајна творба, туку резултат на вековна борба, на пролеана крв и непоколеблива вера во правото на еден народ да биде свој на своето, истакна Тошковски.
Тошковски посочи дека Илинден е многу повеќе од обичен историски настан, дека тоа е темел врз кој се изгради нашата државност.
– Илинден е многу повеќе од обичен историски настан. Тоа е темелот врз кој се изгради нашата државност. Тоа беше моментот кога Македонецот и покрај сите угнетувања реши да каже „Доста е!“ и покажа дека не постои голема сила од народот што решава да живее слободно, на своја земја и според сопствена волја. Во времиња кога многумина се обидуваат да не направат невидливи, да не прикажат како народ без иднина, без корен, без значење, нашето присуство овде е јасна и гласна порака дека не само што постоиме, туку стоиме исправени, со гордост и одлучност. Македонија не е само географски поим. Таа е емоција, сеќавање и длабока сила што не врзува со коренот. Не е срамно да ја сакаш државата, срамно е да и свртиш грб. Не е екстремизам да го чуваш своето, екстремизам е да работиш против него за туѓ интерес, за туѓи агенди. И затоа сакам да порачам нешто што длабоко го чувствувам, денес не сме тука за да се потсетиме на минатото како на нешто изгубено, туку за да се инспирираме од него. Да ја претвориме жртвата на нашите предци во сила што не носи напред. Денес од Трново, испраќаме порака на самодоверба, дека сме обединети, дека можеме, дека сакаме. Не за да бидеме против некого, туку за да бидеме за себе, за Македонија- нагласи Тошковски.
Според востановената традиција, на собирот во Трново се обратија повеќе јавни личности меѓу кои и Ефтим Митревски од Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција кој побара поддршка за македонците во Албанија.
– Никој не може да не промени од светото македонско име. Се обидоа на секаков начин, пари фрлија за да не поткупат но пак неможат. Македонците во Албанија останаа и ќе останат признати од албанската држава како Македонци. А, оние „татари“ што бараат други луѓе, нема да ги најдат. Ветувам дека од Гора, Голо Брдо и од Преспа, низ сите градови во Албанија ќе останеме Македонци- истакна Митревски.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров на семакедонската иселеничка илинденска средба во Трново посочи дека големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности, а универзални вредности на македонската цивилизација се мирот и љубовта, наспроти војната и омразата, и културниот глобализам.
– Само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, со Македонија не има, без Македонија сите заедно ќе не снема. Затоа повторувањето за семакедонско обединување е важно бидејќи во единството е силата, за одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ. Затоа бараме итно и безусловно еднострано раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и на Спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година, бидејќи претставуваат флагрантно кршење на домашното и меѓународното право- посочи Петров.
Во Трново се обратија и градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој заедно со владината делегација предводена од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и замениците министри Марјан Ристески и Викторија Трајков ја посетија и црквата Успение Пресвета Богородица каде во чест на Илинден, богослужеше митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар.
Во уметничкиот дел настапија членовите на КУД „Гоце Делчев“ од Битола.