Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) информираше дека се запира извршувањето на Договорот и секоја постапка предвидена за доделување на јавни средства со компанијата „е.ГО.“.
Германската компанија „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ најви инвестиција во изградба на микро фабрика за електричните автомобили „е.ГО.“ во економската зона во Тетово, а во која се велеше дека се очекува да бидат отворени 900 нови работни места.
Како што соопштуваат од ТИРЗ, извршувањето на Договорот за доделување на државна помош се запира поради несолвентност на компанијата „мајка“, како и секоја постапка предвидена за доделување на јавни средства.
-Запирањето на доделувањето на државна помош следи по добиени јавно достапни информации за поднесено барање за несолвентност на компанијата „мајка“ во СР Германија. Барањето е поднесено пред надлежните судови во оваа земја. Со ова, Дирекцијата за ТИРЗ, како застапник на Владата ги активира заштитните механизми во потпишаниот договор, кои ги предвидуваат и овие околности (стечај, ликвидација), како предуслов за запирање на доделување на државна помош – велат од Дирекцијата.
Оттаму наведуваат дека и покрај доставените барања од страна на инвеститорот, досега не се доделени никакви средства на компанијата.
Инвеститорите и македонскиот владин врв на 13 август 2022 година ја промовираа инвестицијата. Најавено беше дека државната помош за проектот ќе изнесува 35 отсто од вкупната инвестиција од 130 милиони евра.
Македонските политичари проектот го најавија како голема германска инвестиција. Државниот врв предводен од премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски тогаш најавија „нова ера во стратешките инвестиции на Владата“ велејќи дека за прв пат во Македонија ќе се произведуваат електрични автомобили.