Дигитализацијата и децата
Последиците од неконтролираната употреба на смарт-технологијата се сериозни и директно поврзани со разни развојни проблематики како доцнење во когнитивниот развој, говорниот развој, емотивниот и сериозни последици врз способноста за логичкото мислење, како и аналитичко-синтетичкото
Потешко прозборуваат, имаат недостиг на внимание, не знаат како да се однесуваат меѓу себе, им се искривуваат телата, се расипува видот, имаат проблем со дебелина, комуникација… Ова се само дел од последиците од прекумерната употреба на смарт-технологијата на децата. Огромен број деца уште од мали стануваат зависни од електронски уреди, кои ја преземаат улогата на играчки. Децата не може целосно да се тргнат од новата технологија, особено зашто возрасните ја користат во голема мера, а тие го моделираат однесувањето на децата. Но може да се ограничи пристапот до неа, велат и лекарите и психолозите.
Во последните децении, сè повеќе се истражува влијанието што технологијата, дигитализацијата и социјалните мрежи го имаат врз животот и развојот на децата, но и на поединците и заедниците. Несомнено, со напредокот на технологијата, се променија начините на кои ги примаме и обработуваме информациите, формираме мислења и ставови и ги обликуваме нашите сопствени вредности.
Децата поминуваат се помалку време во игра и квалитетна интеракција со возрасните и врсниците. Најголем дел од слободното време, целата расположлива енергија (физичка, емоционална и ментална) ја вложуваат во „интеракција“ со уредите.
– Иако времињата се менуваат, за децата се уште важат старите правила: палаво дете е здраво дете. Децата треба да се движат самостојно, да фаќаат, истражуваат, да прашуваат, да се интересираат за се околу нив. Скокање, трчање, качување, паѓање, крвави коленици извалкани алишта се основа на квалитетен психо-моторниот развој. Само со непречен контакт со околината се стимулира природниот имунитет – смета д-р Моника Јариќ-Бојкоска, специјалист по семејна медицина.
Истражувањата покажуваат дека децата користат електронски уреди во просек по 7,5 часа дневно! Исто така, се зголемува бројот на студии кои систематски покажуваат дека прекумерното време на децата пред екраните влијае не само на нивното физичко, туку и на нивното ментално здравје.
– Поминување време надвор, играјќи си со своите врсниците е клучно за развојот на децата. Покрај развојот на умешноста и моторичките вештини, во слободна и неструктурирана игра со врсниците, децата учат како да ги решаваат конфликтите. Но и да преговараат и да ги изразите своите чувства. Останувањето пред екраните не може да го надомести сето тоа – смета психологот Марија Миркуловска.
Често родителите водени од желбата децата секогаш да им бидат пред очи, на чисто, заштитени, одлучуваат да им дадат телефон или таблет, па така свесно или несвесно ги „врзуваат“ дома изолирани од се она што значи вистинска детска игра и задоволство.
– Преголемиот заштитнички однос, односно желбата децата се чуваат во „стаклено sвоно“, значително влијае на нивниот правилен напредок, со што се зголемува веројатноста за почести инфекции, коскено-мускулни деформитети како сколиоза, рамни стапала, неправилности на градниот кош и др. Исто така, тука се и последиците кои се јавуваат во нивниот психички развој, особено кај деца кои од многу мала возраст стануваат зависни од електронски направи. Контактот со овие апарати е неминовен, но подобро е да се одложи до школска возраст откако кај детето веќе се развиени психо-физичките и социјалните вештини. Со моторната пасивност често се појавува и дебелината, сколиози, кифози, зголемување на ризикот од дијабетес, недостиг на витамин Д, понекогаш и занемарување на личната хигиена, како и сериозни последици на психолошки план кај детето – смета д-р Јариќ-Бојкоска.
Според Миркуловска, една од најважните придобивки од играњето надвор со други деца е тоа што таа им помага на децата во подобрување на нивните социјални вештини.
– Преку играта децата го осознаваат светот околу себе, го задоволуваат чувството на љубопитност и ја развиваат својата креативност. Покрај поттикнување на моториката и физичкиот развој, играта како исклучително важна улога зазема и во развојот на социо – емоционалниот аспект во животот на детето. Преку неа се стимулираат комуникациските вештини, вербалното изразување и способноста за заедничко делување. Децата играјќи меѓусебно ги согледуваат општествените правила и учат како да ги почитуваат, развиваат чувство на еднаквост, толеранција, соработка, емпатичност, почит, припадност на група, делење, споделување – додава Миркуловска.
Во ера кога смарт-технологијата доминира и кога се почесто децата имаат пристап до неа, се поставува прашањето што е поважно: Дали детето треба да игра надвор или да му се даде пристап до технологијата? Колку време детето треба да минува пред телефон? Дали е поважно да игра надвор на сонце или да седи затворено пред телефон или компјутер? Која е границата кога станува детето зависно од техниката? Како истото се одразува на растот и развојот?
– Последиците од неконтролираната употреба на смарт технологијата се сериозни и директно се поврзани со разни развојни проблематики како доцнење во когнитивниот развој, говорниот развој, емотивниот и сериозни последици врз способноста за логичкото мислење, како и аналитичко-синтетичкото, притоа се јавува недостиг на внимание, тешкотии во учењето, зголемена импулсивност и намалена способност за контрола на емоциите и однесувањето, неможност за тимска работа и соработка, нема иницијатива, спонтаност. Децата не знаат како да споделуваат, како да се однесуваат во група и сл. Имаат слаб развој на мускулатурата, потешкотии во координација на рака-око, нога-око, пореметување во исхраната, пореметување на ритамот на сон и спиење, незнаат да врзат врвки, говорни нарушувања, доцнење во вербалната експресија, неможност за емоционално изразување – смета Миркуловска.