Фото: Приватна архива

Сеќавање

Македонската музичка сцена остана посиромашна за уште едно големо име, откако вчера нѐ напушти Невена Кочовска (81), пејачката на легендарната македонска група „Мањифико“. Нејзиниот моќен, а истовремено нежен глас, беше заштитен знак на овој интернационален бенд кој постигна огромен успех во меѓународни рамки.

Групата беше особено популарна во 1960-те и 1970-те години во некогашна Југославија, а последниот настап го имаа 1990-та, на голем концерт на Градскиот стадион во Скопје, на кој се собираа средства за доградба на Соборниот храм. Нивниот последен јавен настап се случи пред пет години на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ кога „Мањифико“ доби награда за животно дело. Тогаш сите членови на семејството Кочовски, Невена, со сопругот Панче и ќерките Лидија и Тања Кочовски ја изведоа мексиканската песна „Мама Хуанита“, што се досега важи за еден од поемотивните настапи на „Златна Бубамара“.

Фото: Приватна архива

Групата „Мањифико” беше позната по обработките на латино-американските хитови, но и на светски евергрини и староградски македонски песни. Тие постоеја 30 години, гостуваа во многу земји на сите континети, снимија голем број албуми, а нивните изданија се продаваа во златни тиражи. Одржаа повеќе од 3.700 самостојни концерти.

На 24 декември 2013 година во Драмскиот театар во Скопје беше промовиран мултимедијалниот проект „Ансамблот Мањифико – мит, легенда или реалност“, во чии рамки беше преставена и истоимената монографија, издание на „Магор“, како и двојно цеде со одбрани песни на групата и дивиди од нивните најдобри настапи.

Фото: Приватна архива

– Музичкиот состав „Мањифико“ е впечатлива музичка трага во културниот живот на Македонија. Оваа публикација подѕирнува во нивното и наше време, длабока и препознатлива трага, и тоа токму како мит, легенда или реалност. Периодот од 1959 до 1990 година, кога ансамблот е присутен на домашната и на странската музичка сцена, овозможуваше современата уметност да ги надминува и да ги прекршува националните рамки. Интерпретацијата на латиноамериканската популарна музика беше почеток што Мањифико потоа го претвори во сопствен и перепознатлив звук, кој беше опоен нектар што привлече голем број љубители на оваа музика во земјата и пошироко во светот. Со репертоарот на стилизирана јужноамериканска музика Мањифико се искачи на едно универзално ниво. На таков начин беше пример како вистинскиот свет на уметноста се вградува во културната синтеза на светот, а земјата станува мала и припаѓа на целото човештво – напиша проф. д-р Јован Дамјановски во рецензијата на оваа книга.

Ансамблот „Мањифико“ во 1959 година го формирале Панче Кочовски и Крсто Таушанов, ученици во Средното музичко училиште во Скопје, додека биле на младинска работна акција во Демир Капија, најужната делница од автопатот Братство-Единство за да настапат на приредба. Од бригадирите им се приружил Сергеј Поповски, гитарист, исто така, ученик во Музичкото училиште. Набргу, на местото на Сергеј доаѓа Митко Томов, одличен гитарист и вокал, а следната 1960 година, во Музичкото училиште ја откриваат Невенка Арсова и нејзиниот раскошен алт. Таа година квартетот го добива името „Мањифико“. На четворката, по 10 години ѝ се приклучува и извонредниот гитарист и пејач Петар Галев. Во „Мањифико“ во одредени периоди значајно учество имале и Јане Коџабашија, Миле Лукаров и Миле Барбаровски.

Фото: Приватна архива

Невена Кочовска, долги години боледуваше од Алцхајмер, а членовите на семејството ецело време беа со неа и во најтшеките мигови.

Повозрасните генерации ќе ја памтат Невена како вистинска дива која ја обележа македонската и екс југословенска сцена со својот моќен глас и грациозна појава. По повлекувањето од музичката сцена таа работеше какмо наставничка по мзуичко образование во ОУ „Лазо Трповски“ во Скопје.

Од легендарната пејачка на групата „Мањифико“ на социјалните мрежи со одбрани зборови се простуваат голем број нејзини колеги, пријатели и почитувачи. М.Т.

Фото: Приватна архива