Фото: Принтскрин

Вербална расправија помеѓу пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ настана на денешната, прва по носењето на новиот Деловник, собраниска седница посветена на пратенички прашања од опозицијата. На бараше на собранискиот спикер Африм Гаши реагираше и собраниското обезбедување.

Тензичната атмосфера се случи кога пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, од собраниската говорница едно од пратеничките прашања му го постави на премиерот Христијан Мицкоски, иако во писмото до собранискиот спикер најавил дека прашања ќе поставува единствено до министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Прашањето што му го постави на премерот беше со што ексминистерката за одбрана Радмила Шекеринска ја заслужила поддршката на Владата и на претседателката на државата да биде во висока позиција во НАТО.
По Исмаил, од собраниската говорница со процедурална забелешка се јави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој обвини оти пратениците од Левица ја злоупотребуваат новата алатка – поставување пратенички прашања од опозицијата, која е различна од редовните пратенички прашања.

-Врз основа на писмата коишто ги имаат испратено опозициските пратеници е составен список од страна на претседателот на Собранието за тоа кој пратеник на кого ќе постави пратеничко прашање. Гледаме дека има извртување на целата работа затоа што пратеничката група на Левица има побарано колегата Реџеп Исмаил да постави пратеничко прашање на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски – рече Мицевски од собраниската говорница.

Пратеникот Апасиев, пак, од место дофрли дека се работи за техничка грешка.

Мицевски возврати дека е во ред ако е техничка грешка.

-Чудно е на вакви документи да правите основни технички грешки, а се кажувате како голем правник. Добро во целата работа е што премиерот е тука и ќе одговори на ова пратеничко прашање иако морам да констатирам дека уште на првата седница сакате да ја изиграте процедурата – рече тој.

Гаши потврди дека во писмото испратено до него пишува оти пратеникот Реџеп Исмаил ќе постави прашање до министерот за надворешни работи, но повика на толеранција зашто, како што рече, ваков тип седница се одржува по првпат и поради укажувањата од Левица оти се работи за техничка грешка, ќе се дозволи прашањето да му биде поставено на премиерот Мицкоски.

Следуваа процедурални излагања на координаторот на Левица, Борислав Крмов, и на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кои ги толкуваа одредбите од Деловникот во врска со новиот тип седници за пратенички прашања.

Ситуацијата ескалира кога пратеникот Апасиев од место почна да дофрла, да упатува пцовки и да замавнува кон пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и ги фрли слушалките по што притрчаа пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Да не дојде до физички контакт меѓу нив спречија пратениците Амар Мециновиќ, Реџеп Исмаил и Борислав Крмов од Левица кои го вратија Апасиев на своето место по што тој продолжи да довикува и да се заканува. Со повишен тон кон нив извикуваше да не го споменуваат неговото семејство. Двете пратенички групи ги раздели собраниското обезбедување.


Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев

Најпрво како човек, а потоа како пратеник и координатор на пратеничка група во Собранието, сакам да изразам огромна згрозеност од денешното недолично, безобразно и срамно однесување во Собранието, на претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, напиша на неговиот Фејсбук профил Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.

– Очигледно, комплексите, нервозата и агресијата, домашното невоспитание и недостигот на основна култура, денес ја доживеаја својата кулминација. Неконтролираниот излив на физички и вербален бес и навреди на лицето Димитар Апасиев кон колегите пратеници, мажи и жени, беше само уште еден очаен обид на таканаречениот „универзитетски професор“ да ја задоволи својата жед за медиумско внимание и „лајкови“ на социјалните мрежи – објави Мицевски.

Единственото добро што може да произлезе од ова ниско, скандалозно и срамно однесување на Димитар Апасиев, пишува тој, е тоа што целата македонска јавност, во живо на собранискиот канал, имаше можност да види и да се увери во вистинското лице на Д. Апасиев и начинот на кој што нивната „Фејсбук“ партија делува, размислува и се однесува.

– Јавно извинување и искрено каење за недоличните зборови и постапки кон колегите пратеници од страна на човек кој не поседува основни човечки вредности и достоинство, не барам, а искрено и не очекувам. Но барем, очекувам да се покае и извини до сите жени, мајки, сестри, сопруги и девојки кои денеска тој, индиректно најбрутално ги навреди и понижи. На крајот би упатил порака со надеж и желба, овој срам никогаш да не се повтори! – напиша на фејсбук Никола Мицевски.