Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска потпишал решение за разрешување од функцијата на досегашната директорка на детската болница „Козле“, д-р Каролина Симоновска. На нејзино место е назначена професорката Катерина Бошковска.

-Министерството за здравство информира дека за нова директорка на УК за респираторни заболувања кај децата „Козле“ е именувана проф. д-р Катерина Бошковска, која над дваесет години е дел од тимот на оваа установа. Д-р Бошковска е супспецијалист по педијатриска пулмологија. Во рамки на наставно образовната дејност е вклучена во активностите на катедрата при УКИМ и во последните пет години има објавено голем број научни трудови. Министерството се заблагодарува за досегашниот ангажман на претходната директорка д-р Каролина Симоновска – се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

Лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања кај децата Козле во протесното писмо испратено до медиумите минатата недела побара итно и неодложно разрешување на в.д. директорката Каролина Симоновска, бидејќи е донесена одлука за разрешување на д-р Веселинка Митровска Јосифовска, ОРЛ специјалист и бронхоскопист со долгогодишно искуство.

Во писмото лекарскиот колегиум бараше од надлежните институции, од министерот за здравство и од премиерот, да стават крај на, како што се наведува, своеволието на д-р Симоновска бидејќи, како што велат, Клиниката „Козле“ е државна институција од огромно значење во пружањето здравствена заштита на највулнерабилната група на пациенти – децата.

-Последниот скандал што ја потресе клиниката, лекарите како и нашите пациенти е дека д-р Веселинка Јосифовска Митровска е бескрупулозно избркана од работа. Во отказното решение добиено од раководството таа е обвинета дека физички присуствувала во кабинетот за бронхоскопија кога се интервенирало на вадење на страно тело од дишните патишта на еден од нашите пациенти – стоеше во писмото од Лекарскиот колегиум на Клиниката во кое тие и даваат поддршка на докторката.

Лекарите од „Козле“ велат дека токму присуството на докторката во посочениот кабинет ја потврдува нејзината загриженост за здравјето на пациентите што се во нејзин домен и сметаа дека дека на нивната колешка и е нанесена целосна неправда и без никаква вина добила отказно решение.

Реакција до медиумите беше испратена и од Клиниката, која тогаш ја раководеше Симоновска, при што беше напоменато дека секое лекарско однесување надвор од лекарската етика, а особено при извршување на оперативен зафат на малолетно лице мора да се санкционира.

-По однос на оркестрираниот политички напад врз ЈЗУ Универизитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле в.д. директорката д-р Каролина Симоновска, јавноста треба да знае дека секое лекарско однесување надвор од лекарската етика, а особено при извршување на оперативен зафат на малолетно лице, мора да се санкционира како не би настанале полоши последици за кои потоа доцна би било каква реакција. Дрското однесување и попречување на работата е недозволено и мора да биде санкционирано без оглед за кого се работи. Цел стручен колегиум стои на таа одлука. Клиниката работи по закон и спроведува законски прописи – стоеше во реакцијата на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“.

Последно од низата случувања беше вчерашното соопштение до медиумите од Симоновска, во кое таа побара нејзиното име и презиме да не биде објавувано од нив, во спротивно најави преземање законски мерки.

-Јас, д-р Каролина Симоновска, именувана за в.д. директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле Скопје, под целосна материјална, морална и професионална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниеден случај не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми – истакна таа во писменото барање.

На ваквото барање реагираа Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на медумски работници, нагласувајќи дека тоа претставува форма на јавeн притисок насочен кон медиумите и оти ваквите објави се директна цензура врз новинарите и ја поткопуваат слободата на изразување и независноста на медиумите.