Четврти вонреден Конгрес на Алијанса за Албанците (Фото: Фејсбук / Арбен Таравари

Алијансата за Албанците на вечерашниот четврти вонреден Конгрес во Скопје ја усвои кандидатурата на партискиот лидер Арбен Таравари за кандидат на претстојните избори за претседател на Македонија. На Конгресот присуствуваа 421 делегат, што е големо мнозинство од членовите на највисокото партиско тело.
Таравари веќе ја доби поддршката од коалицијата на албанските опозициски партии – Европско движење за промени, да биде нивни заеднички претседателски кандидат.

На Конгресот беа поништени одлуките на, како што го нарекоа, нелегитимниот состанок на централното Партиско собрание, одржано на 10 февруари 2024 година, бидејќи имало „бројни статутарни прекршувања, манипулации и фалсификати“, а за кои партијата најави кривично обвинение.
Тоа партиско Собрание го одржа крилото на поранешниот партиски лидер Зијадин Села, кој, за разлика од Таравари, не сакаше партијата да коалицира со албанскиот опозициски блок, туку да оди самостојно на претстојните претседателски и парламентарни избори.

Коментирајќи го тој состанок, на кој беше покрената и иницијатива за негово разрешување, Таравари рече дека за да се свика собрание потребни се две третини од делегатите, а Села немал ниту половина од нив. Тој додаде дека партијата ќе води позитивна кампања, а дека за противкандидат најмногу го посакува лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кого посакува за противкандидат на претседателските избори од редовите на ДУИ, Таравари изјави дека би сакал тоа да биде лидерот на оваа партија, Али Ахмети.

Со денешниот вонреден конгрес на партијата во Скопје, продолжи внатрепартиската битка меѓу неговото и крилото на претседателот на Централното собрание на Алијанса, Зијадин Села.