Последната одлука на партиското раководство на политичката партија Алијанса за Албанците (АА) е на претстојните избори да настапат самостојно, изјави лидерот на АА, Арбен Таравари денеска одговарајќи на новинарско прашање околу понудата на Али Ахмети за настап на Алијанса и ДУИ со заеднички листи на претстојните избори.
– Засега последната одлука на партиското раководство е на избори да одиме самостојно. Сепак оваа одлука треба да помине и на централното собрание што ќе се одржи до крајот на оваа година, некаде во декември. Дефинитивно, Алијанса за Албанците нема да оди со ДУИ со заеднички листи и тоа му го повторив на последната средба со Ахмети. Се подготвуваме за самостоен настап и го мобилизираме членството. Тоа е мој и став на претседателството, а дали ќе се смени, тоа ќе биде јасно по седница на највисокиот орган на партијата – рече Таравари.
Околу прозивките кои доаѓаат од академските кругови на Македонците дека прави раздор и оживува идеи кои не и носат добра иднина на државата, Таравари напомена дека како политичар има право да размислува и да артикулира решенија, а едно од можните е да се изгласаат уставните измени. Во спротивно, како што напомена, ќе се отворат прашања кои стануваат легитимни за дискусија.
Според него, овие прашања се наметнуваат во реториката која Левица и ВМРО – ДПМНЕ што ја користат во нивните настапи.
– Често ги анализираме состојбите и легитимно е за мене како политичар да ги истакнам дилемите со кои се соочувам. Очигледно е дека по толку смени на власта во која низ годиниве учестувале речиси сите партии, не успеавме да обезбедиме и да ја најдеме формулата добро владеење и затоа ни треба некаков надворешен фактор да нè контролира. Јас потполно се согласувам со претседателот Пендаровски кога вели дека ни треба нов устав и да се редефинираме како општество. Многу ни е важно да обезбедиме подобра иднина и просперитет – вели Таравари.
Тој повтори дека тоа го гледа во дводомниот парламент, поголемата фискална децентрализација, формирање на економско развојни реони кои подобро ќе ги решаваат потребите на граѓаните.