Пропусти во постоперативниот период по извршениот царски рез на Јилдиз Веапоска, родилката од Дебар, на која по породувањето и беа отстранети три органи – матка, јајник и бубрег, покажале резултатите од супервештачењето од судско медицински одбор при Медицинскиот факултет од Скопје.
Одговорноста, според презентираниот извештај на денешното рочиште во Основниот суд во Струга, ја сноси докторот – хирург кој ја извел интервенцијата, во случајот првоосомничениот, гинекологот Мухамед Асани.
Од приложената пријава, односно обвинителен предлог, како што истакна пензионираната д-р Верица Попоска од Институтот на судска медицина и криминалистика, се гледало дека второобвинетиот д-р Блертон Асани во тек на извршување на хируршката интервенција бил специјализант и неможело да сноси одговорност за интервенцијата и евентуалните компликации пост интервенцијата. Одговорност за случајот не посочи ниту кај третообвинетата д-р Лилјана Јовановска, која не била работа во постоперативниот период.
Во вештачењето, како што рече д-р Попоска, било наведено дека по царскиот рез, на 27 август 2020 година на пациентката и с евлошила состојбата и направените анализи на крвта покажале намалување на вредностите.
– Пропусти се направени постоперстивно, не се превземени дијагностички мерки за да се открие што е причината за таквата состојба. Доколку се преземеле навремено дијагностички постапки за утврдување на причината на оваа состојба на пациентката би требало веднаш да се направи хируршката интервенција со цел да се стопира губитокот на крв. Со тоа би се избегнало енормното влошување на состојбата на пациентката на четвртиот постоперстивен ден, изразено во вид на хемораличен шок. По утврдување на состојбата пациентката на четвртиот ден е внесена во сала и се што е преземено е да и се спаси животот – појасни Попоска.
Според извештајот, на пациентката во Струшката болница во шокова состојба најпрво и биле отстранети матката и левиот јајник, а потоа и левиот бубрег, по што била пренесена во Клиничкиот центар во Скопје каде било констатирано дека сеуште губи крв и била направена нова хирушка интервенција на која и е подврзана левата бубрежна артерија.
Според тоа, како што додаде Попоска, пациентката сеуште била во опасност и доколку не била испратена во Скопје ќе завршела фатално.
Тројцата лекари кои го изготвиле супервештачењето посочија дека во досегашната кариера не се соочиле со таков случај.
На почетокот на рочиштето Јавната обвинителка Ермира Муса-Нура предложи измена во диспозитивот на обвинителниот предлог, по што одбраната на обвинетите побара време да ги разгледа измените.Обвинетите пак се изјаснија дека не го разбрале изменетиот обвинителен предлог и рекоа дека не биле на работа во постоперативниот период на родилката.
Судењето треба да продолжи в петок со сослушување на обвинетите и завршни зборови.































