Студентите се наши деца, тие имаат право да го кажат својот глас, да бидат слушнати и ќе бидат вклучени во носењето на политиките коишто нив ги засегаат, порача премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во обраќањето на вечерашната трибина во Гостивар „Силно и одлучно кон иднината“.
Според него, во општеството премногу се зборува за стапки на раст, за приходи, за профити, а најмалку за студентите и нивниот стандард. Ковачевски најави дека во работната група која ќе работи на изготвување на законски измени ќе учествуваат и студентите.
– На моја иницијатива вчера јас отидов во Собранието и седнав со сите лидери на студентските движења и најдовме заедничко решение преку дијалог. Ние вчера успеавме да дојдеме до решение и за студентите во однос на нивните барања за студентскиот оброк. Да не заборавиме дека студентскиот оброк првпат беше воведен од страна на Владата предводена од СДСМ, на предлог на СДММ пред само две години – потенцираше Ковачевски.
Тој, зборувајќи за актуелната политичка ситуација и движењето на државата по „европскиот пат“ ја посочи опозицијата како опасност, нагласувајќи дека Апасиев и Мицкоски заедно сакаат да ја доведат земјата до раб на амбис.
На трибината во Гостивар, зборуваше и претседателот на ОО СДСМ Гостивар, Игор Велјаноски кој истакна дека партијата има одговорен пристап и не се подготвува за избори, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, туку работи да обезбеди европска иднина на државата.
– Ние се спремаме државата да ја изведеме на прав пат и да ја интегрираме во Европската унија. СДСМ за разлика од ВМРО никогаш не калкулирала со рејтингот кога е државата во прашање – истакна тој.