Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека Стратешкиот дијалог со САД ја потврдува улогата на државата како кредибилен сојузник и партнер.
Муцунски во Вашингтон ја предводи владината делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД, која ја отвори заедно со Брендан Ханрахан од Бирото за европски и евроазиски прашања при Стејт департментот.
Тој на својот Фејсбук профил истакна дека дијалогот претставува значаен механизам за продлабочување на билатералната соработка и потврда на силното стратешко партнерство меѓу двете земји.
Фокусот на разговорите е ставен на повеќе клучни области, меѓу кои глобалните и регионалните прашања, одбраната и безбедноста, енергетиката и економската соработка, сајбер и дигиталната безбедност, како и зајакнувањето на граничната контрола и справувањето со транснационалните закани.
Муцунски нагласи дека оваа сесија ја потврдува заедничката определба за унапредување на мирот, безбедноста и просперитетот, како и за зајакнување на трансатлантските врски.
– Втората сесија на Стратешкиот дијалог претставува потврда за заедничката определба за унапредување на мирот, безбедноста и просперитетот, како и за натамошно зајакнување на трансатлантските врски. Стратешкиот дијалог ја реафирмира нашата улога како кредибилен сојузник и партнер, со јасна посветеност кон заедничките вредности и стабилноста на регионот – стои во објавата на Муцунски на Фејсбук.

































