Во моментов нема поголеми загадувачи кои предизвикуваат загадување на амбиенталниот воздух. „Цементара“ е на 50 отсто од капацитетот, работи со една печка, не користи алтернативни горива. „Макстил“ не работи. Најголеми причинители за загадувањето во моментов се граѓаните кои горат секаков вид на отпад за загревање, а потоа и градежниот сектор, оцени денеска директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.
– Ние не можеме да влеземе во куќите без судски налог за да видиме кој што гори, но во дворовите доколку затекнеме отпад којшто планираат да го горат, имаме надлежност да постапуваме и овластените инспектори за животна средина и државните. Онаму каде што нема овластени, постапуваат државните инспектори за животна средина, рече Стојовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека од 31 декември не функционира Макстил, а Цементарница работи со 50 отсто од капацитетите, а на 1-ви, 2-ри, 3-ти и 4 јануари во Скопје имало загадување на воздухот. Согласно мерењата што ги имаат направено од акредитирани лаборатории и континуираниот мониторинг што го имаат воспоставено, како што посочи Стојовски, кај овие две најголеми компании кои претходно загадуваа, се покажува дека загадувањето е во рамки на она што е дозволено.
– Сите да работиме како да ја заштитиле животната средина. Имаме Закон за зеленило каде што пишува дека секоја градежна парцела треба да биде 20 отсто зеленило. Нема податоци дали овластените комунални инспектори, односно градоначалниците не даваат податоци колку од дозволите што ги даваат за градба го почитуваат Законот за зеленило. Се отвораат големи комплекси за продажба на различни производи каде што нема квадратен метар зеленило. Мора да се смени нешто во тој дел. Да се направи измена на Законот за зеленило и секоја парцела да има минимум 50 отсто зеленило како би се апсорбирале загадувачите и прашината. Има многу да се работи во тој дел, совеста мора да проработи кај сите, бидејќи сите го дишиме овој загаден воздух, рече Стојковски.
Во ЈСП Скопје, како што кажа, до минатата година користеле гас за загревање, а сега поминале на мазут – горат на две места, во Автокоманда и во Ѓорче Петров. Голем дел од здравствените установи, додаде, останале да користат мазут.
-Тие прават анализи. Анализите зависно од временскиот период се во рамките на дозволеното. Имаме во некои од нив надминување на азотните оксиди. Онаму каде што има надминување на прашина ги задолжуваме да ги исчистат бренерите во тој дел и потоа да направат мерење, истакна Стојковски.
Нагласи дека секаде каде што има можност да се работи на гас даваат препораки тоа да се направи.
-Топланите остануваат да работат на гас. Минатата година фабриката „Пепер мил“ во Кочани ја доведовме да работиме на втората опција, а тоа е гасот. За жал, иако граѓаните на Кочани беа задоволни дека нема загадување од фабриката, оваа година на 2 јануари ме известија дека фабриката се затвора. Граѓаните на Кочани се задоволни – нема загадување, ама фабриката затвори и 120-130 луѓе отидоа на биро, посочи Стојковски.
Прецизира дека Државниот инспекторат нема можност сам да зема примероци, но дека има ангажирано акредитирана лабораторија со договор за јавна набавка.
Државниот инспекторат, како што истакна, во текот на минатата година покренал судска постапка за повеќе предмети за прекршоци направени за загадување на воздухот и други загадувања во висина од околу 400 илјади евра и тие се во судската постапка.
-Само две-три фирми реагираат на препораките на Владата. Доколку направиме записник и им наложиме да го намалат капацитетот или да го запрат може да има финансиски реперкусии во однос на буџетот на Државниот инспекторат за животна средина. Значи, тука мора да сме внимателни. Ако Владата донесе одлука за забрана, тогаш ние настапуваме. Вака препораките на Владата ги даваме до правните субјекти и се покажа дека дел од нив се општествено одговорни и ги намалуваат нивните капацитети или ги запираат, потенцира Стојковски.