Бесмира Ејупи, несудената генерална конзулка во Њујорк, од неодамна е нововработена во Министерството за надворешни работи, како соработник во одделението за правни работи, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според изјавата на портпаролот на оваа партија Наум Стоилковски, веќе е почната постапка за добивање картичка за евидентирање на влез и на излез на Ејупи, како и влез во компјутерскиот систем, за што според информациите е почната процедура за безбедносен сертификат „доверливо“ за Бесмира Ејупи.
-Бујар Османи и Димитар Ковачевски коишто тврдеа дека не ја познаваат Бесмира Ејупи, и кои го криеја предлогот на Влада таа да биде генерален конзул во Њујорк, сега мора да одговорат зошто Бесмира Ејупи е вработена во МНР? Дали вдомувањето на Бесмира Ејупи во МНР и обезбедувањето на сертификат за доверливост и се потребни за да може полесно да го премостат јазот и скандалот, и конечно да може да ја испратат како дипломат, конзул или амбасадор во Њујорк?, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата бараат одговори и како е можно лице зад кое што се води истрага за огромен финансиски скандал, можни злоупотреби и префрлање огромна сума буџетски пари, сега да биде вработено во МНР, да му се издава безбедносен сертификат и да биде дел од дипломатската мрежа? Како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ овој потег на власта ја покажува вистинската слика за самоволието и девастацијата на македонската дипломатија.
-Според информациите, додека тече истрагата за исплатите на над 12.000 евра за една година од институции водени од ДУИ кон Бесмира Ејупи, државниот правобранител, Фехми Стафа тврдеше дека не можел да функционира без неа, додека се уште не е слегната прашината за повлечениот предлог на Влада таа да биде именувана како генерален конзул во Њујорк, Бујар Османи ја презема и вдомува Бесмира Ејупи во МНР – велат од ВМРО-ДПМНЕ.