Фото: Архива „Нова Македонија“

Статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство е зачуван. Овој успех е резултат на активна, посветена и координирана дипломатија, во соработка со нашите партнери и пријатели од меѓународната заедница – изјави денеска во Владата министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Министерот истакна дека уште од првиот ден, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, активно се вклучиле во процесот.

– Заедно покажавме дека кога постои јасна волја, координација и одговорен пристап – резултатите се неминовни. Водевме интензивни разговори, спроведовме дипломатски консултации и градевме заеднички позиции со државите-членки на Комитетот за светско наследство – рече Муцунски.

Тој посочи дека остојбата што нова авласт ја наследи затекна е резултат на години запоставување, неодговорно управување и изостанок на суштински мерки од страна на претходната влада.

– Наместо превенција и одговорност, оставија проблем што бараше итно решавање. Нашиот пристап беше поинаков – не декларативен, туку посветен и фокусиран на резултати – вели шефот на дипломатијата.

Муцунски потенцира дека зачувувањето на статусот е само прв чекор, останува обврската да се обезбеди долгорочна заштита, одржливо управување и повторно да се изгради довербата во институциите и капацитетот на државата да се грижи за своето највредно природно и културно наследство.

Тој упати благодарност до тимот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија – „за нивната стручност, пожртвуваност и тивка, но клучна работа зад сцената“, што придонесла за оваа одлука на УНЕСКО, која, како што наведе, значи многу за нас како држава.