Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегации на Уставните судови на Република Македонија и на Република Бугарија.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, се разговараше за севкупната соработка меѓу уставните судови на двете држави, при што претседателот Пендаровски изрази поддршка за нивните иницијативи и го поздрави потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу двата суда, потпишан на македонски, на бугарски и на англиски јазик.
– На средбата претседателот Пендаровски посочи дека работата на уставното судство е клучно во изградбата на функционална правна држава и заштита на човековите права. На средбата се разговараше и за можноста за воведување на уставна тужба во двете држави-се наведува во соопштението.
Претседателот Пендаровски, како што се наведува во соопштението, истакна дека Бугарија, како држава членка на ЕУ, има искуство во функционирање во сложен правен поредок и оттаму нивното искуство во соработката со Судот на правдата на ЕУ ќе биде од голема корист за евроинтегративниот процес на земјата.