Еднојазична табла на албански јазик е поставена на општинската зграда во Струга. Советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ велат дека на скандалозната плоча се слави фашистичката окупација и најавија дека ќе ги преземат сите правни механизми за да се сопре „ширењето на фашизмот од страна на градоначалникот Рамиз Мерко идентично како и изградбата на споменикот од Косово“.
Со таблата, велат, се крши законот за јазикот, а изиграни се и процедурите за нејзино постапување – не е гласано по Бадентер во Советот на општина Струга.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека историскиот датум испишан на таблата боде очи бидејќи на 1 септември 1941 година Струга е под италијанска окупација, кога Албанското кралство го востаниволо албанскиот јазик како службен во југозападна Македонија.
-На 1 септември 1941 година Струга е под италијанска окупација, а во нивна служба како соработници се балистите и како окупаторски „администратори“ вовеле свои правила на игра.
Албанскиот јазик е јазик на администрацијата и јазик на образованието. Тоа е доволно за да се сфати пораката која како спомен-плоча е поставена на новата општинска зграда, која, патем, повеќе од половина век беше училиште под друго име, но за тоа нема ниту збор. Повикувањето на придобивките стекнати под закрила на фашизмот можат да ги разбудат само злите духови. Нивното актуелизирање не е несмасност, туку идиотштина преку која некој сака да профитира на избори. За ова, како и за безброј други донесени одлуки од страна на актуелниот градоначалник на Струга, американската администрација даде свој став, ставајќи го на црната листа. Што уште треба да се случи за нашите правосудни органи да му стават крај на незаконитото и своеволно владеење? Генерации растеле под едно исто мото. Можеби звучи старомодно, но сѐ уште е силно.
Смрт на фашизмот – слобода за народот! – пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ О.К. Струга на Фејсбук.