фото: Маја Јаневска - Илиева

Прелиминарно целиот просек во регионот за исполнетост на реформската агенда од Планот за раст за Западен Балкан е околу 50-60 проценти успешно спроведување на реформите. Тоа што се гледа од сега е дека процентот на имплементирање со реформите во јуни ќе биде малку понизок од тој што беше во декември, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани, одговарајќи на новинарски прашања, на денешната прес-конференција по повод една година Влада.

Европските средства, според Муртезани не се под закана, посочувајќи дека ќе бидат ако во дополнителниот рок од 12 месеци не ги завршиме успешно овие реформи.

-Тоа значи дека во јуни во 2026 година ќе бидат под ризик, бидејќи тогаш ќе ги изгубиме, дотогаш средствата ќе ни бидат на располагање – увери Муртезани.

За петте чекори со рок до декември, кој беше пролонгиран до февруари 2025, Муртезани рече дека се чека формалниот изветштај, кој треба да биде готов до крајот на месецот.

-Согласно тоа што ќе помине како успешно спроведена реформа, нормално дека ќе ни бидат исплатени и финансиските средства предвидени за тие реформи – изјави Муртезани.

Во однос на реформите со рок до јуни 2025, Муртезани повика да се почека уште еден ден.

-Претходната недела и денес сме во интензивна комуникација со сите институции. Тоа што претходниот пат беше како слабост… значи, сите насоки за финализирање на чекорите стигнаа буквално после крајниот рок за спроведување на реформите. Сега има малку појасна слика, меѓутоа појасната слика значи дополнително покомплексен процес – рече тој.

Посочи дека Владата донела Одлука за структурата за имплементација, каде што министрите во однос на нивниот домен се надлежни за имплементацијата на реформите.

-Откако ќе ги добиеме сите извештаи и ќе имаме јасна слика, што е спроведено, што не е, секако дека ќе ги споделиме со јавноста, меѓутоа конкретно, зошто, како, што не е влезено, за тоа ќе Ве упатам да ги прашате министрите – изјави Муртезани.

Според Муртезани, не сите чекори се реформи, посочувајќи дека во Министерството за економија и труд има неколку чекори кои што не се поврзани со закони и до истекување на рокот, можно е исполнување на уште некој дополнителен чекор.

Тој истакна, „прво да видиме што ќе се постигне, за тоа што нема да се постигне кои се причините и после секако доколку дојде до губење на средствата ќе видиме што може да се направи“.

-Откако формално ќе помине извештајот и ќе имаме појасна слика, ние со премиерот на тематски средби редовно го следиме процесот на евроинтеграција, ќе видиме кои се причините, ако е нешто каде што Владата може да интервенира да се забрза, секако тоа ќе го направиме – рече Муртезани.

Во однос на критиките во последниот Извештај на ЕК дека СЕП го нема капацитетот да се носи со процесот и што е направено во оваа година, Муртезани рече дека, тоа е заклучок што се повторува неколку години наназад и дека таа забелешка е дојдена како резултат на високиот одлив на кадар, премногу ниските плати и проблемот со привлекување на професионален кадар.

-Мислам дека дел од тој проблем ќе се реши со новиот Закон за административни службеници. Во моментов подготвуваме неколку огласи за дополнителни вработувања во Министерството за европски прашања и започнуваме фаза на унапредување на сите професионални кадри кои што десетина години се на истите позиции, за да можеме да ги задржиме – рече Муртезани.