Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска упати честитка по повод 1 Мај во која порачува дека сечиј труд заслужува да биде соодветно вреднуван.
Според Спасовски, и покрај низата предизвици и глобални кризи во изминатите години, државата се погрижи работните места да бидат приоритет и да ја одржи вработеноста. Решена е, наведува, и историската неправда кон стечајните работници, а веќе и недела е неработен ден.
Во честитката, тој се осврнува и на својот сектор. МВР покажа, оценува Спасовски, дека за само четири години може севкупно да се подобрат професионалните услови и стандарди за работа на полициските службеници. Министерот потсетува и дека од септември ќе се реализира дополнителното покачување од пет отсто за сите вработени во Министерството.
– Изминативе години се соочивме со низа глобални кризи кои имаа силно влијание врз здравствениот, економскиот, енергетскиот сектор и дотоколку повеќе беше важно заеднички, како колектив да се исправиме пред предизвиците и да го одржиме општеството на прав пат. Притоа, се погриживме работните места да бидат приоритет, да ја одржиме вработеноста како движечка сила на економијата и на развојот на секое општество. И покрај глобалните предизвици, успеавме во нашата цел и продолживме да ги зголемуваме платите – минималната плата за 4 години од 9.000 ја зголемивме на 18.000 денари, на чекор сме до просечна плата од 30.000 денари – наведува Спасовски.
На овој ден, дополнува, се изразува почит кон работниците.
– Тие знаат дека успехот е производ на напорна работа и посветеност, а сечиј труд заслужува да биде соодветно вреднуван. На овој ден изразуваме посебна почит за нивната доследна борба за унапредување на нивните права. Во знак на сеќавање на 1 мај 1886 година, кога во Чикаго околу 40.000 работници излегле на улиците започнувајќи генерален штрајк со барање за подобри услови за работа и 8-часовно работно време, под мотото „три осумки”, штрајк кој, за жал, завршил со неколку жртви и многу повредени, го одбележуваме овој празник, како симбол на одлучната борба на некогаш обесправениот работник, па сѐ до денес, кога заеднички работиме на унапредувањето на правата на работниците – вели министерот.
Во врска со стечајните работници, потсетува дека 12.000 лица се обештетени со месечен надоместок од 8.000 денари до пензионирањето.
– Успеавме и во уште една наша поставена цел – недела е неработен ден. Изградивме Едно општество за сите кое постојано го развиваме, а од аспект на МВР покажавме дека за само четири години може севкупно да се подобрат професионалните услови и стандарди за работа на полициските службеници преку реновирање и изградба на 73 полициските станици, да инвестираме 10 милиони евра само за набавка на униформи, да обезбедиме најсовремена техничка опрема, исплата на бонус плати, а од септември ќе го реализираме дополнителното покачување од пет отсто за сите вработени во МВР. Со овие континуирани активности стартувавме во 2017 година, што резултираше со одлични резултати и висок степен на ефикасност во полициското работење и нема тука да застанеме. Нека е честит 1 Мај – Денот на трудот, со заедничка работа до прогрес за сите граѓани и државата – пишува Спасовски во честитката.