Состанок со приватните превозници ќе има, но откако ќе ги добиеме податоците од Управата за јавни приходи за параметрите за кои имаше јавна дискусија меѓу превозниците, ЈСП и Град Скопје, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
По прес-конференцијата во Владата, Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања посочи дека ова не значи оти Владата влегува во било какво преземање на надлежностите на Град Скопје.
– Ги очекувам податоците од Управата за јавни приходи бидејќи кажав дека дискусијата со превозниците мора да се базира на факти. Кога ќе ги добиеме податоците за параметрите за кои имаше јавна дискусија меѓу ЈСП, приватните превозници и Градот Скопје, тогаш ќе можеме да организираме еден таков состанок на кој ќе може одблиску да се запознаеме со проблемот, меѓутоа тоа не значи дека како Влада влегуваме во било какво преземање на наделжностите на Градот Скопје бидејќи, како што можам да се информирам од медиумите, градот Скопје веќе има отпочнато постапка за доорганизирање на системот на јавен превоз. Меѓутоа тоа се информации само на ниво на медиумски информации со оглед на тоа дека немаме координација со Градот Скопје – рече Ковачевски.
Повтори дека Владата работи на изнаоѓање на модел со којшто ќе се обезбеди финансирање и поддршка за реализација на најкрупните инфраструктурни проекти во Скопје кои, како што рече, не смеат да запрат бидејќи се работи за мостови, булеварски решенија…
– Во рамки на своите можности, Владата ќе мора тоа да го направи – рече Ковачевски.
Прашан дали се подготвува нов закон за игри на среќа, Ковачевски рече дека таков предлог не е разгледан на владина седница.