- Кандидатурата на Ненад Савески дојде по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски. Во постапката, во потесниот избор, заедно со него учествуваа петмина кандидати. Ненад Савески беше номиниран за функцијата државен јавен обвинител на 10 март, од страна на Владата на Македонија. Предлогот за избор на Савески пред пратениците го образложи вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски
- Новиот обвинител ја презема функцијата во ситуација кога паралелно се одвиваат подготовките за нов закон за јавно обвинителство, кој треба да донесе структурни промени во начинот на функционирање на истрагите
- На расправата пред изборот на Савески имаше бурна пратеничка дебата во Собранието
Досегашниот судија во Основниот кривичен суд – Скопје, Ненад Савески, е избран за нов државен јавен обвинител со поддршка од 66 пратеници на вчерашната 94-та седница на Собранието. Од вкупно 101 пратеник присутни на седницата, двајца гласаа против, додека осуммина беа воздржани.
Савески беше номиниран за функцијата на 10 март, од страна на Владата, при што неговата кандидатура дојде по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски, односно по спроведената постапка во која учествуваа петмина кандидати. Предлогот за избор на Савески пред пратениците го образложи вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
– На Македонија очајно ѝ се потребни правда и владеење на правото. Ѝ треба јасно отворање и процесирање на случаи што ќе значат подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем – кажа Николоски на собраниската седница, потенцирајќи дека Савески е „докажан професионалец во својата работа, без ниту една дамка во својата професионална кариера“.
Во македонското собрание, во жолчната дебата што му претходеше на гласањето, пратениците разменија критики за тоа кој е одговорен за ниската доверба во правосудниот систем, при што беа споменувани последиците од работата на СЈО, „сваровски-судството“… На седницата исто така дел од пратениците издвоија детали од богатата биографија и работното искуство на Савески во правосудниот систем.
Новиот обвинител ја презема функцијата во ситуација кога довербата на граѓаните во правосудните институции е на ниско ниво од околу два процента, а неговиот избор се случува паралелно со подготовките за нов закон за јавно обвинителство што треба да донесе структурни промени во начинот на функционирање на истрагите.

Ненад Савески е роден во 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд во Скопје, во Одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година, работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд во Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.
Во однос на експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески, се наведува дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Националната конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД. Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.
Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата ХЕЛП на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право. Тој е автор и коавтор на трудови за посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации. Зборува македонски, англиски, германски, српски и има основно познавање на албанскиот јазик. НМ.
Савески: Ќе изградиме јак систем што ќе може да одговори на сите предизвици на владеењето на правото со изградба на функционална држава
Она што јас сакам да направам е да гарантирам радикална отчетност и транспарентност, дигитализација, услови за работа за еден обвинител непречено да си ја врши својата работа на ефикасен и достоинствен начин, кажа Ненад Савески во изјава дадена за МИА, во пресрет на неговиот избор за државен јавен обвинител.
Тој порача и дека ќе биде изграден јак јавнообвинителски систем што ќе го гони криминалот.
– Не мислам дека сега ова мое раководење со институцијата почнува и зависи од мене. Напротив, сметам дека заедно, сите ние обвинителите и сите други државни органи, од кои зависи работата на Јавното обвинителство, ќе изградиме еден јак јавнообвинителски систем, кој ќе може да одговори на задачата, а тоа е откривање и гонење на криминалот, така што ништо не почнува и не завршува со мене. Напротив, тоа е институција што си работи – нагласи Савески во разговорот за МИА. Н.М.
































