Илустрација / Фото: Маја Јаневска -Илиева

Собранието денеска, во рамките на 85. седница, ги потврди оставките на Марко Бислимоски – претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад, како и на Цвета Ристовска – членка на Државната комисија за спречување на корупцијата и судир на интереси, пренесе МИА.

По усвојувањето на дневниот ред, започнаа двочасовните опозициски прашања упатени кон премиерот и министрите.

На седницата се разгледуваат повеќе точки: предлог-одлука за овластување за склучување поединечен колективен договор, предлог за избор на судија во Уставниот суд, предлог-одлука за избор на претседател и членови на Советот за граѓански надзор, како и предлог за именување на непрофесионално ангажиран член во Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.

Пратениците ја утврдија потребата за донесување на измена на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, по скратена постапка, со која рокот за легализација се продолжува за уште пет години – до 3 март 2031 година. Во прво читање беа разгледани и Предлог-законот за органско земјоделско производство, како и измените и дополнувањата на Законот за минимална плата.

Дополнително, на дневен ред е и Предлог-резолуција за почитување на стандардите на правична постапка во меѓународното судење против поранешни челници на институциите на Косово.