Владата ќе прави дополнителни пресметки, договоренa е повторнa средба
Побараа малку време да направат одредени дополнителни пресметки зашто во периодот што доаѓа е донесувањето на Буџетот за новата година, изјави проф. д-р Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ по средбата со премиерот и министри за нивните барања за повисоки плати и потпишување Колективен договор.
Во изјава за медиумите по средбата во Владата, Ристов рече дека тој и членови на Извршниот одбор на Синдикатот на УКИМ имале конструктивна средба со премиерот Димитар Ковачевски и министрите за финансии и за образование и наука кои, како што рече, „заклучија дека постои од нивна страна политичка волја да излезат во пресрет на барањата на Синдикатот“
Договориле наскоро повторно Синдикатот да биде повикан на средба и очекува, рече, „конечно да биде позитивно одговорено на нашите барања“.
– Средбата беше конструктивна. Ги изложивме нашите легитимни барања, аргументи. Од нивна страна беше укажано на многу тешката економска и финансиска состојба. На крајот заклучија дека постои од нивна страна политичка волја да излезат во пресрет на барањата на Синдикатот. Но, побараа малку време да направат одредени дополнителни пресметки зашто во периодот што доаѓа е донесувањето на Буџетот за новата година. Така што, во некое блиско време повторно ќе имаме средба на која ќе бидеме повикани и очекуваме, конечно, да биде позитивно одговорено на нашите барања. Затоа што ако држава не инвестира во високото образование, во науката, тогаш таа држава нема иднина – рече Ристов.
Синдикатот на Скопскиот универзитет бара надминување на исклучително тешката материјална состојба на вработените на УКИМ, бидејќи имаат најниски плати во регионот, обезбедување достоинствен живот на наставниот и ненаставниот кадар и развој на високото образование и науката. Барањата на Синдикатот се потпишување Колективен договор и постепено покачување на платите, по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да се достигне 100-процентно покачување.
– Не се само платите, туку и науката, пристапот до бази, обезбедување литература, гостување во странство. Како вие ќе отидете со 650 евра во Лондон или во Париз, не можете да отидете ниту до Ниш на една конференција – изјави Ристов одговарајќи на новинарски прашања.
Во врска со зголемувањето на платите од 7 отсто, постигнато од СОНК, Ристов одговори дека покачувањето е минимално и дека не ја тангира, како што рече, најзагрозената категорија вработени – ненаставниот кадар.
-Како синдикат ги застапуваме интересите не само на наставниот кадар, туку и на ненаставниот кадар. Тие се во многу тешка и незавидна положба и токму тоа беше и клучниот аргумент за овие наши барања, дека и ним треба да им се помогне во оваа состојба, а не само на наставниот кадар – додаде претседателот на Синдикатот на УКИМ.