Претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши денеска остварил средба со претседателот на Словачката Република, Петер Пелегрини, кој престојува во официјална посета на нашата земја.
Како што информираат од собраниската прес-служба, во пријателска и конструктивна атмосфера, соговорниците ја потврдиле одличната билатерална соработка меѓу двете држави и изразија подготвеност за нејзино дополнително унапредување на сите нивоа.
Претседателот Гаши му посакал добредојде на претседателот Пелегрини и истакнал дека континуитетот на политичкиот дијалог и долгогодишната поддршка од Словачка во рамките на Европската Унија и НАТО претставуваат значаен поттик за Северна Македонија на нејзиниот европски пат.
Тој се заблагодарил за конзистентната и принципиелна поддршка на Словачката Република за европските интеграции на нашата земја, како и за активната улога на Словачка во рамките на Вишеградската група, која е меѓу најгласните поддржувачи на политиката на проширување на ЕУ.
Претседателот Гаши ја поздравил иницијативата на Словачка за поттикнување на економската ресоцијализација на регионот на Западен Балкан, како и потпишувањето на новиот Меморандум за економска соработка помеѓу министерствата на двете земји, кој се очекува да создаде нови можности за зголемена трговска размена и инвестиции.
Како што се посочува во собраниското соопштение, на средбата било истакнато и значењето на Парламентарниот институт при Собранието на РСМ, кој соработува со сличните институции во Братислава, а словачкиот Парламентарен институт има важна менторска улога во процесот на неговото институционално јакнење.
Претседателот Пелегрини уште еднаш ја потврдил поддршката на Словачката Република кон Македонија, нагласувајќи дека ја смета нашата земја за искрен и пријателски партнер. Тој истакнал дека Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Македонија и како инвеститор во земјата ќе продолжи да придонесува за нејзиниот институционален и економски развој. Пелегрини додал дека ваквите односи сигурно ќе се продлабочуваат во сите сегменти на соработката и во годините што следат.
На крајот, двајцата соговорници се согласиле дека парламентарната дипломатија претставува суштински сегмент во развивањето на пријателските односи меѓу двете држави, како и дека постои простор за продлабочување на соработката во културата, образованието и економијата.