Бев против ВМРО-ДПМНЕ да застане зад Арсовска како кандидат за градоначалник, вели претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески за Данела, градоначалничката на град Скопје.
Тој како одговор на прашањето дали ВМРО ДПМНЕ жали што на овие избори поддржало независен кандидат за градоначалник на Скопје, место партиски кадар, рече дека кога станувало збор за изборот на партијата, кој ќе биде нивниот кандидат, тој бил против Арсовска да биде кандидат за градоначалник на Скопје кој ќе биде поддржан од ВМРО ДПМНЕ.
Тој рече дека досега со градоначалничката се имаат сретнато само трипати за да разговараат за актуелни теми за Градот.
Славески исто така рече дека не може да си прости што не раеагирал кога Арсовска го разрешила директорот на „Комунална хигиена“,Зуди Енуз, кој беше од коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците затоа што негов роднина бил вмешан во инцидент.
Претседателот на Советот на град Скопје исто така рече дека Арсовска не му личи на искусен менаџер и дека ја гледа како дете со чекан во рака кое само „удира со чеканот по шајки“.
Директорите на „Градски паркинг“ – Скопје, Бојан Христовски и на ЈП „Дрисла“, Јане Мицевски денеска поднесоа оставки од функциите, поради, како што велат, немањето координација со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Таа се огласи преку социјалните мрежи и напиша дека таа им поставила услов „или да си дадат оставка, или таа ќе им даде отказ“.
„Градот Скопје е град на сите скопјани, затоа сите носители на овие одговорни раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери. Скопје мора да биде модерен град, град за сите скопјани“, истакна Арсовска.
Ден претходно од Град Скопје беше разрешен и в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, а во петокот Градот Скопје остана без генералниот секретар, Ѓоко Велчковски кој исто така беше разрешен.