Во Брисел вчера започна скрининг процесот за усогласување на законодавството со ЕУ со Македонија и Албанија. Од 15-27 септември 2022 година ќе се одвиваат состаноци за областите и поглавјата од Кластерот Фундаментални вредности, кога Комисијата ќе го презентира новото законодавство за овие области. Сите состаноци се одржуваат во Брисел, освен за Поглавјето 18 Статистика што денеска ќе се одржи во Луксембург.
Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач, Бојан Маричиќ, во воведното обраќање на првиот скрининг состанок кажа дека преговорите ја прават и ја трансформираат државата на подобро.
Како што соопшти СЕП, Маричиќ пред претставниците на Европската комисија истакна дека Северна Македонија има основа за да оди со добро темпо напред и дека во овој момент сите се максимално фокусирани на секое поглавје и со максимална посветеност и оптимизам да ја исполниме нашата стратешка цел-полноправно членство во ЕУ. Тој во своето обраќање на македонски јазик, се осврна и на досега постигнатото во конкретното поглавје, Јавни набавки, посочувајќи дека правната рамка за јавните набавки е во голема мера усогласена со правото на ЕУ, односно дека Законот за јавни набавки е усогласен со Директивите за класични и комунални набавки (ЕУ/2014/24 и ЕУ/2014/25), како и со Директивата за правни лекови (2007/66/ЕЗ).
Вицепремиерот посочи дека активностите за воспоставување ефективни јавно-приватни партнерства се во тек и дека новиот Предлог-закон за јавно приватно партнерство е подготвен и истиот има за цел транспонирање на Директивата 2014/23/ЕУ за доделување договори за концесија, додавајќи дека Предлог-законот е во завршна фаза на усогласување и ќе биде доставен во владина процедура.
Електронскиот систем за јавни набавки функционира ефикасно, рече Маричиќ, а развојот на платформа за е-пазар, е-каталози и понатамошно подобрување на системот за обработка на жалбите за јавни набавки е во тек.
– Улогата и капацитетот на Државниот завод за ревизија во вршењето на ревизиите на јавните набавки се подобрени преку имплементацијата на новата програма за ревизија на јавните набавки што обезбедува ажурирани насоки и методолошки алатки за ревизорите – објасни Маричиќ додавајќи дека законодавството во областа на правните лекови е во голема мера усогласено со правото на ЕУ.
До 27 септември ќе се одвиваат објаснувачките состаноци за овој Кластер, а во периодот од 11 ноември до 9 декември ќе следи билатералниот скрининг, кога ние ќе го презентираме степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони, и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди. После тоа Европската комисија подготвува извештај од скринингот кој меѓу другото содржи и наоди и оценка на Комисијата за степенот на усогласеност, капацитетите и заклучоци и препораки, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.
Од Европската комисија за МИА завчера изјавија дека тие остануваат целосно посветени на унапредувањето на ЕУ процесот со Македонија и Албанија.
Овие технички средби се очекува да траат околу два месеца, по што треба да започнат билатералните скрининзи.
Билатералниот скрининг го префрла фокусот на земјата преговарач која треба на експертите од Европската Комисија секој пат да им го презентира напредокот во секое од поглавјата. Следува извештај на ЕК што го проценува тој напредок, а извештајот треба да го одобрат и усвојат земјите членки на ЕУ, односно Советот на ЕУ.
Откако ќе заврши билатералниот скрининг, Македонија ќе може да ги започне и формално преговорите по кластери и поглавја со ЕУ, но само доколку прво го промени Уставот и ги внесе Бугарите како конститутивен народ во него.
Маричиќ очекува скринингот да заврши во ноември 2023 година, пренесе МИА.