Приказната за островот во реката Вардар, на кој се одржувале коњски трки, а згора на тоа бил долг околу три километри, звучи навистина неверојатно, па дури и фантастично! Остров во реката Вардар? Да, тоj навистина постоел и бил земен рај од зеленило и чиста природа. Пошумени патеки и парцели со засадени разновидни дрвја, простори за одржување на трките, патеки за шетање, пристапни мали мостови. Со еден збор, земна и небесна убавина! Тука трките ги организирало познатото Здружение на вардарските јавачи, пред војната. Каква симболика: вардарските јавачи јавале токму тука, на тој прекрасен остров во реката Вардар. И не само тоа, островот било монденско место, тука се појавувал кремот на градот, на разни приредби и свечености. Замислете, пред почетокот на трките се одржувале ревии на женска мода и елеганција! Сѐ почесто на натпреварите присуствувале и дамите. Во еден запис од 1932 година се вели:
„Елегантните скопски дами, за чии фустани нашиот моден соработник многу пофално се изрази, со своето присуство придонесоа трките во Скопје да добијат имиџ на вистински велеградски трки“. Сево ова личело на тркалиштата во Париз и во Лондон. Но тоа не е сѐ. Пред да започнат трките се одржувале и фудбалски натпревари, а приредуван е и препонски карусел, кој го изведувале офицерите. Екстравагантно изведените фигури со коњите предизвикувале воодушевување кај публиката. Одржувани се изложби на коњи, потоа, офицерско-џентлменско наградно прескокање, како и специјални коњски трки организирани од градот Скопје. А по сите тие настани, дури тогаш започнувала забавата, за што однапред биле давани известувања: „По коњичката трка се приредува кермес (забава) на тркалиштето, кое ќе биде осветлено со лампиони. Постојано ќе свири музика“.
Зачувани се и имињата на тркачките коњски грла, кои биле омилени кај публиката: Кармен, Изонда, Треф, Дидо, Ружа, Галопина, Зорица, Цимер. Постоеле и парични награди за натпреварувачите: прва награда 1.200 динари, втората 600, третата 300 и четвртата 150 дин. Се наплаќало такса за секоја патека по 30 дин. Пред обложувачницата постојано имало метеж и чекање. Навистина, колкав бил тој фантастичен остров на кој имало трибини за публиката, простор за фудбалски натпревар, за коњски трки, како и за ревии и прошетки? Според податоците, островот за таа намена бил адаптиран цели три години, а официјално пуштен во употреба 1932 година. Но најинтересно е прашањето каде се наоѓал и може ли, од денешен аспект, да се одреди неговата местоположба. Едно е сигурно: островот се наоѓал во близината на Градскиот парк, но каде? Морав да направам споредба на многу записи за да дојдам до вистинската локација. Во еден запис се вели дека се наоѓал во близината на една тениска полјанка зарасната во трева, зад „Идадија“, кон реката. Бидејќи Градскиот стадион во тоа време не постоел на тоа место, од тениската полјанка веројатно се гледало и било близу тркалиштето. На друго место се спомнува просторот наспроти Зоолошката градина, а бидејќи таа е близу тениската полјанка, можно е и такво одредување. Но најточна одредба за местоположбата дава еден запис, кој, за среќа, прецизно зборува за тој простор.
Имено, бидејќи секој немал пари да плати карта за трибините во тркалиштето, луѓето го користеле спротивниот брег на реката Вардар за да ги следат коњските трки. Толпа луѓе била искачена на ридот кај Француските гробишта, од каде што можеле убаво да следат што се случува на островот. Значи, тој се наоѓал помеѓу денешната северна трибина на стадионот, односно станбениот комплекс популарно наречен „Кинески ѕид“, и спротивниот брег, каде што се наоѓа вечното почивалиште на француските војници. Ќе пренесеме што се вели во тој запис: „Немаше народ само на тркалиштето. Од другата страна на Вардар, на ридот каде што се Француските гробишта, па и на самите гробишта, беше присутна голема толпа луѓе. Жителите на Топаана излегоа во толкав голем број на Француските гробишта, така што нивната посета можеше слободно да се спореди со бројот на луѓето присутни на тркалиштето“. Сите овие записи за островот успеав да ги пронајдам во предвоената документација. Островот денес е заборавен.
Општината имала големи планови за островот: да биде тоа парк-шума и пријатно место за прошетки и излети. Низ него требало со текот на времето да протекува канал и да се оформи убаво вештачко езеро. Пошумените блокови ќе служеле за сончање, бидејќи имало ситен песок. Предноста на островот била таа што тој се наоѓал во близината, „речиси во самиот град“. Фантастичниот, утописки остров со текот на времето исчезнал, му се губи секаква трага. Тој е еден вид наша, скопска варијанта на исчезнатата Атлантида. Причини за исчезнувањето сигурно имало повеќе, а некои од нив се и во големите поплави. По Втората светска војна, коњичкиот спорт имал успешен развој во градот. Со многу нови учесници, нови клубови, особено на локациите во Градскиот парк, а потоа и на познатиот Хиподром во Маџари, за што зборува и значајната книга на професор Ѓорги Кузмановски „Над 100 години спорт во Скопје“. Во неа се спомнува и податокот дека првите коњски трки во градот се одржале во далечната 1902 година.