Постојат места во Скопје познати по богатата ромска традиција, а кои денес се заборавени. Навраќањето кон тие заборавени места и обичаи ги оживува спомените за едно старо Скопје, со неговата специфична боја и атмосфера. На нив треба да се потсетиме бидејќи се дел од богатата историја на градот.
Ромите особено се познати по празнувањето на Ѓурѓовден, со што симболично се одбележуваат новиот живот и доаѓањето на пролетта. Не случајно овој празник се поврзува со светиот великомаченик Георгиј, а нашите етнолози и фолклористи велат дека станува збор за пролетен празник (во основата е празнувањето на природата), кога повторно се буди целата вегетација. Во суштина, не славело само христијанското туку „целото население во Македонија“, како што се вели во толкувањата по повод ова празнување.
Во природа, во една шумичка на Калето кај Француските гробишта, со години Ромите го прославуваа Ѓурѓовден. Тоа место стана славно токму поради оваа прослава (режисерот Бранко Гапо има снимено и документарен филм). За жал, таквата традиција на тоа место денес е прекината, за што со носталгија зборуваат сите жители на тој крај.
Но малку е познат или сосема е заборавен податокот дека пред Втората светска војна, Ромите на друго место во Скопје ги одбележувале Ѓурѓовден и новото раѓање на природата. Имено, тие масовно и со свој препознатлив и специфичен стил празнувале и се собирале во паркот „Идадија“, пред кафеаната „Кермес“. Тука, во таа прекрасна природа, жените во својата најубава носија, а мажите во елегантни костуми, бели кошули, вратоврски и фесови, ја искажувале својата голема дарба за музика, за песна и танц. Тоа може убаво да се види и на оригиналните фотографии што ги објавуваме, а кои потекнуваат од тоа време. Од деталите на фотографиите се гледа дека во просторот пред кафеаната се танцувало, но и се празнувало со адетите што ги подразбирал празникот.
Во записите на еден очевидец на тоа празнување во 30-тите години на минатиот век се откриваат многу интересни детали. Тој е воодушевен и не ги штеди своите пофалби и богатите описи од прославата на Ромите пред кафеаната „Кермес“. Притоа, се потенцира славеничкиот занес на скопските Роми во одбележувањето на празникот. Тоа било еден вид ромски „кермес“ (самиот збор кермес значи еден вид прослава, забава, собирање). Тој кермес се одвивал во знакот на тапанот, зурлата, гајдата и богатите ромски песни и игри.
Во еден миг од прославата, музиката и танцот достигнувале климакс. Лудо, страсно, биеле тапаните, пиштеле зурлите. До бесвест. Шамичињата летале фрлени во височина, а колениците на танцувачите се подвиткувале во ритамот што го диктирал „даули“ (тапанџијата), допирајќи ја земјата. Даули потскокнувал, стрелајќи со очите и со целото свое битие, давајќи му такт на ороводецот. „Мајсторски, мајсторски бие даули во својот тапан“, запишал хроничарот на тоа време. Давајќи такт, тој сликовито ја кревал раката, создавајќи честопати, само од два такта, една навистина ајдучка игра – „тешко ајдучко оро“. Пластично се виткале телата на играчите, а даули сѐ побрзо и побрзо удирал во својот тапан. Потоа, само со еден единствен удар – „срцата се спојувале“.
Еве уште еден прекрасен опис за тоа што се случувало за Ѓурѓовден пред кафеаната „Кермес“. Во долги колони, празнично облечени, Ромите оделе кон паркот „Идадија“, во слава на пролетта и на нивниот најголем празник. Според тогашната традиција, за ваквите прослави, импровизирано и симболично, „се наплатувала влезница“, по системот „Кој колку ќе даде…“. Ромите, кои масовно оделе кон паркот, брзо се фаќале за оро и така создавале сцени „достојни за филмовите на Ајзенштајн и Пудовкин“. Може само да се замисли колку оваа споредба е голем комплимент за музичката и танцувачката уметност на Ромите. И уште понатаму: „Хармоничниот збир од телата и острата ритмика на играта придонесуваа човекот да ја почувствува суровата, грубата, занесна убавина“.
Целото ромско маало било расположено како ниту еден друг ден во годината, се танцувало, се јадело, се пиело. Тој ден потоа можеби ќе се одработувал цел месец. Еве карактеристични стихови на ромска песна од прославата за која зборувавме, а кои во превод гласат:
„Направи ми, Господе, еден голем славеј, за да ми се спушти на пискулот од фесот“
Што се однесува до традицијата за одбележување на Ѓурѓовден во Скопје, бездруго треба да се истакнат масовната прослава и одењето на тој ден во црквичето „Св. Ѓорѓи“ во Кисела Вода, на падините на Водно. Според имотната состојба, скопјани оделе со пајтони, со чези или со запрежни коли. Било обичај со себе да носат и јадење и пиење, а се играло и пеело преку целиот ден, сѐ до попладневните часови. Иако не со толкава масовност, таа традиција задржана е до денес.