Фото: Игор Бансколиев

Македонија доби силна и многу важна поддршка внатре во ЕУ, по одлуката на Чешка, Словачка и на Австрија да не ги прифатат бугарските уцени и условувања во однос на нашата земја. Според познавачите, има и други држави во ЕУ, како Словенија, Хрватска и други, и тие наскоро јасно ќе го осудат она што Бугарија ѝ го прави на Македонија

ЧЕШКА, СЛОВАЧКА И АВСТРИЈА Ѝ КАЖАА НЕ НА БУГАРИЈА

Македонија не доби датум за преговори со ЕУ, но истовремено предизвика тектонски поместување внатре во самата Унија, токму за прашања поврзани со нашата земја и нејзината евроинтеграција.
И додека Германија и Франција постапуваа некако калкулантски поведени од разни други сопствени интереси во однос на ветото и блокадата од Бугарија кон Македонија, неколку други помали членки, како Чешка, Словачка и Австрија, јасно застанаа во одбрана на позициите на Македонија и на најдобар начин покажаа како се бранат европските вредности и дека и во Унијата има глас на разумот, кој говори дека Европа мора да ги почитува постулатите врз кои почива.
Блокадата на усвојувањето на заклучоците за проширувањето наметната од Чешка, Словачка и Австрија предизвика сериозен потрес внатре во Унијата, која се надеваше дека преку заклучоците за посветеноста кон проширување ќе си го покрие сопствениот неуспех за овој процес, кој буквално од 2019 година е мртов.
Згора на тоа, европското лицемерство отиде дотаму што и покрај тоа што Македонија не доби зелено светло за почеток на пристапните преговори, во еден од предложените заклучоци се направи обид за вметнување на бугарските ирационални барања во преговарачката рамка за Македонија.

Несомнено, реакцијата на Чешка, Словачка и на Австрија, кои се спротивставија на ваквите бесмислени условувања и уцени, особено ја изненади Бугарија, која очекуваше дека со премолчената согласност на Германија и на Франција сепак ќе успее да ги наметне своите експанзионистички позиции во однос на Македонија до тоа ниво Македонија да се стави во позиција да избира меѓу откажување од Европа или прифаќање на бугарските тези за идентитетот, јазикот и историјата.
Токму поради ваквиот пасивен однос на двете најмоќни земји во ЕУ за процесот на проширување сериозно е разнишана довербата во Унијата на овие простори, а дополнителен доказ за тоа се резултатите од анкетите во повеќето земји-кандидати, кои покажуваат драстично губење на довербата во ЕУ.
И додека Германија и Франција постапуваат калкулантски, поведени од разни други сопствени интереси, Чешка, Словачка и Австрија на најдобар начин покажаа на кој начин се бранат европските вредности и дека и во Унијата има глас на разумот, кој говори дека Европа мора да ги почитува постулатите врз кои почива.
– Сметам дека, од формален аспект гледано, овие три земји гласно кажаа што мислат, но има и други земји, како Словенија, Хрватска и други, што се согласуваат со нив. Се работи за едно принципиелно прашање врзано за самата ЕУ.

Овие прашања што се дел од културата, историјата, јазикот, идентитетот и така натаму, се од оној третиот столб на прашања што се во надлежност на секоја држава. Кршењето на тој принцип, визави она што Бугарија ѝ го прави на Македонија, чепнува многу директно и во сегашната поставеност и функционирање на ЕУ и мислам дека тие од принципиелна позиција рекоа дека ова не може така и затоа блокираа – вели Огнен Малевски, дипломат и поранешен амбасадор.
Според него, бугарското вето, кое никој не го очекуваше, направи да се отворат дискусии внатре во ЕУ за овие прашања.
– Овие три земји храбро, но принципиелно, се спротивставија на заклучоците, бидејќи бугарските барања во нив задираат и во нивниот внатрешен систем и затоа излегоа навреме да предупредат дека ова вака не може. Во моментот тоа значи за нас поддршка, но има и поширока внатрешна европска димензија – нагласува Малевски.
Тој додава дека на овие три земји може да им се придружат и други земји, но дека нема потреба за тоа, бидејќи пораката до Бугарија веќе е испратена.
– И една земја да беше, ќе беше доволно. Овие три земји имаат доволна тежина да ја испратат пораката до Бугарија. Сметам дека Бугарија за ова прашање нема поддршка од ниту една земја. Може да има група земји, познати евроскептици што не се против проширувањето, но не во овој момент, и тоа може на некој начин да ѝ оди во прилог, но во никој случај не значи поддршка за Бугарија – вели Малевски.
Дипломатот од кариера и поранешен амбасадор Љупчо Арсовски појаснува дека Чешка, Словачка и Австрија порачале дека ЕУ не може да функционира врз принципот на вета.

– Самото однесување на Бугарија, која до март немаше никакви забелешки за Македонија и во последниот момент започна една офанзива на свој начин, која ја преточи во едно вето, предизвика шок во Унијата, која сметаше дека работи за негирање јазик, идентитет, историја на нечиј народ се надминати одамна – вели Арсовски.
Според него, алармот на трите земји ќе значи дека и самата Унија почнува да сфаќа дека одделни земји ќе мораат да го преиспитаат своето однесување и дека нема да можат со ставање вета да решаваат некои свои идеологии, доктрини итн.
Како и да е, последните случувања се само потврда дека некои од поновите членки на Унијата сепак сметаат дека ЕУ не смее да го губи кредибилитетот исполнувајќи ги мазохистичките желби на одделни земји, кои сопствениот интерес го ставаат пред европскиот.
Истовремено, потегот на Чешка, Словачка и на Австрија е и порака до Македонија да не подлегнува под уцените на Софија и да продолжи да верува во европските вредности.


И интелектуалците од ЕУ со осуда кон Бугарија

За последните настани во ЕУ, кога неколку земји-членки отворено застанаа на страната на Македонија и јасно се спротивставија на блокадите, уцените и опструкциите на Бугарија, побаравме мислење и од видни интелектуалци од Чешка, Словачка и од Австрија. Ексклузивно за „Нова Македонија“ тие фрлаат ново светло на што се должат последните чекори на владите на нивните држави, кои со поддршката на Македонија, на некој начин, го обелија и образот на ЕУ.
Чешкиот универзитетски професор Михал Вит вели дека главната поента на овој здружен чин, зад кој застанаа Чешка и Словачка во одбрана на Македонија, покажува две перспективи.
– Прво, сето ова е исказ на едно долгорочно партнерство на двете земји кон Македонија, особено кога станува збор за помошта при ЕУ-интеграцијата, но и кон јакнењето на заемните релации меѓу државите и народите, кои се очигледно многу интензивирани во практика и далеку поопширни во суштина од билатералните официјални врски на министерствата за надворешни работи. Втор агол на настаните или поента може да се види во тоа дека и Чешка и Словачка на овој начин гарантираат дека Македонија има добри релации со своите соседи, што не е исто со тврдењата од оваа област што ги има Бугарија.

Без овие елементи, ЕУ-интеграцијата не може да продолжи понатаму, па во тој правец Унијата ќе стане пример дека таа не може да биде инструмент на малобројните, туку организација на институции и на членови што негуваат заемни врски – резимира Вит.
Австриската докторка на политички науки Кристина Грислер, која предава на универзитетот „Андраши“ во Будимпешта, вели дека неодамнешната австриска одлука се базира врз принципиелниот став на Владата по повод прашањата поврзани со проширувањето на ЕУ.
– Властите во Виена се убедени дека процесот за проширување на Западен Балкан не треба да запре поради причини што се ирелевантни и бесмислени и токму затоа овој политички чин е таков. Но, од друга страна, јавноста пак во Австрија, на пример, од каде што потекнувам, истовремено смета и дека државите од Балканот, меѓу кои е и Македонија, во моментот реално не се подготвени да пристапат во Унијата и тие треба да поработат врз своите општества за да го достигнат неопходното ниво да станат рамноправни членки на ЕУ. Сепак, во овој процес, неоснованите пречки за пристапување на државите, како онаа на Бугарија, само го отежнуваат тоа – заклучува таа. А.С.