Фес или шапка? Ан или хотел? Кочија или автомобил? Мажите се дотеруваат според американски и прозападен модел. Носат, како што забележале хроничарите, костуми со современ крој, тесни панталони, високи чевли, вратоврски, нови сакоа и тесни елеци. Жирадо-шеширите стануваа секојдневност во дваесеттите години. Времето забрзано минува, секоја сезона се јавува нов моден детаљ
Американскиот писател со македонско потекло, Стојан Христов, во автобиографскиот роман „Мојот американски аџилак“ опишувајќи ја емигрантската занесеност по блескавата американска цивилизација, во еден миг ќе воскликне: „Ах, таа Америка“. Но, Америка не е само восклик на доселениците. Американизацијата, или во поширока смисла, усвојувањето на западната традиција и култура, стануваат наш постојан копнеж и сон. Скопје на специфичен начин го доживува тој копнеж да се биде во фокусот на модата и модерното во светот.
На почетокот на 20 век Скопје почнува да се буди. Во однос на облекувањето и модата победува новиот, модерен дух на стилот „а ла франга“ кога станува збор за облеката. Фес или шапка? Ан или хотел? Кочија или автомобил? Мажите се дотеруваат според американски и прозападен модел. Носат, како што забележале хроничарите, костуми со современ крој, тесни панталони, високи чевли, вратоврски, нови сакоа и тесни елеци. Жирадо-шеширите стануваа секојдневност во дваесеттите години. Времето забрзано минува, секоја сезона се јавува нов моден детаљ, кошули со штиркани јаки. Домашните кројачи добиваат и читаат светски модни журнали. А жените? Ах, жените. Се носат фустани во два дела, здолниште и блуза како горен дел. Принцес-крој, високи јаки, набрани ракави на рамениците. Се снимаат покрај луксузните автомобили или се возат во нив. Широки шапки со цветни украси, чевли на шнирање, чадори, ладала, ракавици. Се отвораат ексклузивни продавници за новата мода. Сакате нови чевли? Појдете во „Бата“. Громби-штофови, италијански шушкавци, тивар-костуми, деликатесни продавници. Скопје секогаш ја следело максимата – мода, модерно, најмодерно. Во сите домени што ги нудел новиот, современ живот и прозападното влијание.
Во Скопје првиот автомобил „форд“ се појавил 1911 година. Првиот трамвај е купен во втората половина на 19 век, а е возобновен на почетокот на 20 век. Слични или исти модели трамваи сообраќале во американските големи градови, како и во Виена. Последниот трамвај во Скопје сообраќал до 1912 година. Поради караниците во скопската општина, трамвајот е укинат, и до денес Скопје нема трамвај. Првата пруга и железничка станица се пуштени во употреба 1873 година, а подоцна низ Скопје минувале „Ориент експрес“ и „Симплон“. Првата авионска снимка на Скопје е од триесеттите години. Во Скопје почнуваат да се произведуваат каросерии, а славните скопски браќа Поповиќ го отвораат првиот сервис за автомобили. Подоцна се увезуваат и првите автобуси и заживува меѓуградскиот сообраќај. Во тоа време, на автобусите што ги превезувале излетниците до Св. Наум и Охрид, пишува – Скопје. Во тие рамки, ќе проработи и првата бензинска пумпа на компанијата „Шел“ во 1927 год. Првите мотоцикли се јавуваат во 1923 год., но и подоцна, пред земјотресот низ центарот на Скопје се возат мотоцикли.
Модерно кино „Аполо“ почнува да работи во 1925 год. Тоа има и летна, венецијанер-тераса на плоштадот. Во киното првпат било отворено бифе. Во 1937 год. се отвора и новото кино „Уранија“, подоцна „Култура“. Естетски раскош, црвени седишта, блескави украсни делови од месинг. Истата таа година, по углед на американските градови, на скопскиот плоштад подигнат е рекламен столб, кој ги рекламирал најновите филмови во киното „Култура“. Тој вистински урбан раритет, за жал, беше урнат при реставрацијата на плоштадот на почетокот на 21 век кога беше отстранета легендарната коцка. Во времето на тие први модерни кина, прикажувани се љубовни драми со Рудолф Валентино и Рамон Наваро. Подоцна киносалите почнуваат да мирисаат на барутот од многубројните американските вестерн-филмови, се слушаат повиците на Тарзан во џунглата. Во времето на педесеттите години, Скопје на свој начин го доживува бранот на американизацијата и влијанието на прозападната култура. Благодарејќи на полибералната улога што некогашна Југославија ја имаше во светот, помеѓу Истокот и Западот, рокенролот и џезот се особено присутни. Но, не само тие. Американскиот филм „Бал на вода“ ќе изврши големо влијание, легендарниот Шпато во замрачена киносала ќе ја забележи музиката од филмот, за потоа таа да се изведува во живо.
Подоцна, завладува битлсоманијата, се слуша радио Луксембург, се отвораат првите дискоклубови, не постои светски настан што не извршил влијание кај нас. Од „Вудсток“ (деновиве пишува дека во чест на педесетгодишниот јубилеј, 1969-2019, најголемиот светски рок-фестивал повторно ќе се одржи) па до популарноста на рок-оперите. Се слуша Луј Армстронг, во Скопје гостува популарниот квартет „Голдн Гејт“. Незаменлива е улогата на Скопскиот џез-фестивал. Огромна популарност имаат домашните групи, „Бис-Без“, подоцна „Леб и сол“. Во шеесеттите години почнува производството на „кока-кола“ и „пепси“. Се одржуваат сѐ почесто модни ревии. И кај нас полека се пробива брзата храна, кон крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите, се отвораат првите кафулиња, се пие еспресо. Панкерите, шизиците и шминкерите, ги заменуваат некогашните класични фраери. И покрај сите перипетии низ кој минува скопскиот современ урбан живот, денес скопјаните (посебно скопјанките) упорно се држат до максимата од која никогаш не отстапуваат – мода, модерно, најмодерно…