Дали сте знаеле дека познатиот сликар Никола Мартиновски покажувал многу таленти, меѓу кои и за спортот? Бил голман, и тоа во еден од најпознатите скопски клубови, СК Граѓански. Бил вешт со сликарските четки, но и вешто ги ловел топките меѓу стативите
Годинава Светското фудбалско првенство се одржува во Русија и фудбалот повторно станува омилена тема и повод за еуфорични навивања. Затоа, сега е убав повод да се потсетиме на скопските фудбалски куриозитети, но и на некои од легендите на фудбалот и спортското новинарство. Дали сте знаеле дека познатиот сликар Никола Мартиновски покажувал многу таленти, меѓу кои и за спортот? Бил голман, и тоа во еден од најпознатите скопски клубови, СК Граѓански. Бил вешт со сликарските четки, но и вешто ги ловел топките меѓу стативите. Тој настапувал во 1923 год., од кога постојат и фотографии. Според записите на нашиот најдобар познавач на фудбалот и легендарниот радиорепортер Ивко Панговски, заедно со Мартиновски тогаш настапувале и Тома Петров, Христо Спасовски, Душко Поповски, Петар Артко-Италијанец, Боро Поп Трајков.
По завршувањето на Втората светска војна се чувствувала потреба од спортски радиорепортери, бидејќи постоел зголемен интерес за фудбалот и потреба да се вршат преноси од фудбалските натпревари. Но кадарот бил дефицитарен. Кој ќе се најде јунак да врши директен пренос од дербито помеѓу екипите на СК Македонија и СК Победа во Скопје? По многуте откажувања и перипетии, храбро се нафатил првиот пренос да го врши никој друг туку – писателот Коле Чашуле.
Така, тој станал пионер на нашето повоено спортско радиорепортерство. Инаку, во радиото тој имал сосема друга функција – бил главен уредник на информативно-политичкиот сектор. А зошто еден главен уредник на информативниот сектор не би можел да врши пренос? Еве што вели Чашуле за тој пренос преку записите на Ивко Панговски. Откако никој од колегите не се нафатил да го пренесува натпреварот, Чашуле рекол: „Видов-не видов, откако ги укорив дека се плашливци, им дофрлив – ако вие немате три чисти, јас ќе застанам пред микрофонот и ќе го пренесувам натпреварот“. Така Чашуле го реализирал преносот. Потоа доаѓа цела една вредна, професионална генерација спортски репортери и новинари во Радио Скопје.
Но приказната не завршува тука. За пионер на нашето спортско новинарство, уште пред Втората светска војна, се смета професорот Кирил Пенушлиски, подоцна еден од најпознатите теоретичари на фолклорот, познат во целиот свет. Уште како млад, во 1933 година, Пенушлиски работел во дневните, но и спортските весници од тоа време. И не само тоа. Бил активен фудбалер на познатиот клуб ССК од Скопје, на истовремено и негов секретар. Професорот Пенушлиски, тогаш спортски новинар, дава многу пикантни слики од старо Скопје, од тогашниот негов живот и атмосфера. Секој понеделник излегувал весникот „Спорт“, кој се печател во печатницата „Братство“ на Бит-пазар. Во весникот постоела една награда игра, која потсетува на почетоците на денешните спортски обложувања.
Наградната игра се состоела од следново прашање: „Погодете го резултатот и кои ќе бидат стрелци на головите“. А што биле наградите? Ех, наградите биле вистински куриозитети. Една од главните била: потстрижување кај берберот Шошолче. Потоа: честење боза и слатки во слаткарницата „Лила“ (се наоѓала кај Даутпашиниот амам). И другите награди не биле за потценување. На пример: кисело млеко кај чичко Соле, или возбудливото попладневно возење велосипед. Скопска легенди е и Панче Уневски, боем, еден од најпознатите навивачи на Вардар. Панче Молерот, како што го нарекувале, бил закон за фудбалските дуели. Се појавувал на стадионот пред почетокот на натпреварот. Публиката го пречекувала со овации. Без него фудбалскиот натпревар не започнувал. Секогаш елегантен, со костум, вратоврска и шапка, со која им отпоздравувал на гледачите. Тој бил олицетворение на навивачкиот дух и љубовта на скопјани кон фудбалот. Посебна еуфорија предизвика и освојувањето на фудбалскиот куп на Југославија од страна на Вардар во 1961 година.
Во педесеттите и во шеесеттите години од минатиот век цело Скопје се упатуваше кон стадионот, да ги гледа натпреварите на Вардар со некој од најпознатите тогашни клубови. Најпопуларен фудбалер беше Драгослав Шекуларац-Шеки од Црвена звезда, не само по дриблинзите туку и по чаламите што ги правеше. Се раскажуваше дека навечер правливите чевли самиот си ги чистел со банкнота од 5.000 динари, а потоа банкнотата ја фрлал. Куриозитетите постојат уште од официјалниот, плакатиран натпревар во Скопје од 1919 год., помеѓу СК Напредок и офицерите на англиската војска. Како што забележал хроничарот, на натпреварот судел еден англиски свештеник. Додека трчал низ теренот, се слушал ѕвон од судиското свирче, но и тропањето на големиот крст што го носел на градите. Правда си е правда, таа треба да биде и земна и небеска, нели?