Со цел намалување на ефектот на „урбаните топлотни острови“, Град Скопје во соработка со УНДП почнува со реализација на проект за изготвување и поставување заштитни стреи на девет утврдени пешачки острови низ Скопје.
Поставувањето на заштитните стреи на пешачките острови ќе обезбеди заштитни сенки од топлина за пешаците и за велосипедистите.
Многу од пешачките острови на подрачјето на Скопје, со направени претходни студии, се мапирани како места кај кои има зголемен ефект на урбани топлотни острови. Град Скопје изминатиов период изврши мерења со користење термална камера во три дневни интервали на повеќе локации, а според резултатите, утврдени се најтоплите девет точки кај кои ефектот на урбаните топлотни острови е најголем. Највисоките температури, во согласност со мерењата на овие девет локации, се движат меѓу 50 и 55 степени Целзиусови, а највисоката температура од 60,3 степени е измерена на крстосницата кај објектот на Делегацијата на ЕУ во Центар.
Со цел обезбедување заштита од топлина за пешаците и за велосипедистите и намалување на температурите на овие пешачки острови, Град Скопје во наредниот период ќе го реализира проектот за поставување заштитни стреи.
За изработката на проектната документација, во буџетот на Град Скопје за оваа година се предвидени десет илјади евра, а за реализацијата на проектот се предвидени дополнителни 30 илјади евра.