Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција ги презентираше главните придобивки од проектот паметен град – „Скопје смарт сити“ на кој Град Скопје работеше заедно со „Телеком“ во изминатите 6 месеци.
– Со задоволство можам да кажам дека Скопје е првиот град во државата кој го започнува овој проект кој ќе значи целосна дигитализација на услугите, воведување директна демократија како алатка за унапредување на демократијата и обезбедува големи заштеди на електрична енергија – средства кои ќе се враќаат директно како финансиска поддршка за граѓаните – изјави Шилегов.
Тој нагласи дека со „Скопје смарт сити“, Скопје станува прв град во државата каде граѓаните директно и сами одлучуваат за тоа каде и како се вложуваат нивните пари. Со овој проект граѓаните ќе имаат можност да одредуваат приоритети, да гласаат за проекти и да избираат каде градот ќе вложува.
– Ова е историски исчекор на демократијата и начинот на управување со градот. Ова е историска промена во однос на директната комуникација со граѓаните и воведување непосредна граѓанска демократија, нешто на што сум особено горд. Преку апликација на својот мобилен телефон, скопјани ќе може да гласаат за предлози, да дефинираат приоритети и со тоа самите да ги креираат политиките на градот. Градот редовно преку апликацијата ќе ги консултира граѓаните за значајни инвестиции и одлуки и скопјани директно ќе бидат во можност да одлучуваат каде ќе се насочат парите. Верувам дека многу брзо ова ќе стане стандард во цела држава – потенцираше Шилегов.
Апликацијата „Мое Скопје“ е клучен дел во „Скопје смарт сити“ и носи сосема ново ниво на интеракција и информирање. Во оваа фаза апликацијата, којашто е веќе достапна на Гоогле Плаy Сторе, ќе им понуди на граѓаните информации од сферата на градскиот живот, настани, случувања и новости, анкети, пристап до апликациите и сервисите на градските институции и преглед на паркинзите на Град Скопје.
Таа подоцна се надополнува со содржини за сообраќајот и јавниот превоз, а ќе може да се пријавуваат инфраструктурни и комунални проблеми. „Мое Скопје“ е иновативен, информативен и интерактивен канал за комуникација со граѓаните, кој преку постојани анкети и прашалници им овозможува на граѓаните да одлучуваат за градските прашања и да го насочуваат градот кон нивните приоритети.
– Со „Скопје смарт сити“, Скопје станува град без шалтери! Скопје сите услуги ќе ги дава онлајн и со тоа станува првиот целосно дигитализиран град во регионот. Сите плаќања и сите документи ќе бидат достапни на интернет или на телефонот на граѓаните. Освен ова, секој граѓанин може да следи како градот работи, до каде е неговото барање, до каде е секоја постапка и сето тоа да му биде достапно во секое време на својот телефон – додаде Шилегов.
Тој информира дека преку овој проект се поставуваат 10.000 нови лед-светилки низ главниот град.
– Преку овој проект се поставуваат 10.000 нови лед-светилки со што Скопје добива совршено осветлени и безбедни улици, велопатеки и тротоари. Со паметното осветлување, Град Скопје заштедува 1,3 милиони евра годишно на електрична енергија. Овие пари кои ќе се пренаменат за директна финансиска поддршка на граѓаните од различни групи – нагласи Шилегов.