Скопје меѓу шесте најзагадени градови во светот, кучиња скитници низ македонската метропола, масовна сеча на Водно, бетонска градска џунгла наместо паркови и детски игралишта, паркирани возила на тротоарите, преполни контејнери со ѓубре, диви депонии, палење кабли и пластика, стари автобуси во јавниот градски превоз – сѐ уште не е многу променета сликата за Скопје, една година по мандатот на градоначалникот Петре Шилегов. А во неговата изборна програма јасно стоеше дека чекорите се внимателно одмерени, храбри и одлучни, за да се обезбеди „живот за сите во градот“. Некои од тие чекори беа „град без смог“, „чиста енергија – чиста средина“, „Скопје – функционален град“, „здрав и урбан живот“… Во делот од програмата „град без смог“ исто така пишува: „Чекорите опфаќаат напорна работа од сите нас, граѓаните, од институциите и бизнис-секторот, на сите нивоа, бидејќи за нашето здравје се работи. Применуваме напредни решенија, чии резултати ќе бидат видливи на краток рок“.
И по една година, сѐ уште воздухот е загаден, а резултат од тоа се преполни амбуланти и болници со деца.
– Целосно ќе се посветиме на проблемот на решавањето на загаденоста на воздухот. Ќе воведеме принцип на задолжително надоместување на изгубеното зеленило. Итно се зафаќаме за гасификацијата на местата што се опфатени со системот за парно греење. Ќе го намалиме загадувањето и за граѓаните ќе воведеме евтин енергент – порача Шилегов од Кисела Вода во предизборната кампања, како кандидат за градоначалник.
И уште додаде дека како дел од мерките за обезбедување здрава животна средина и почист воздух, Скопје ќе прерасне во велоград и ќе започне ревитализација на парк-шумата Водно, како и дека Водно ќе им биде вратено на скопјани и повторно ќе биде белите дробови на нашиот град. А денес скопјани се борат да ги зачуваат белите дробови на градот, како и своите, бидејќи изградбата на гасоводот одзеде огромно шумско пространство. Шилегов исто така велеше дека нема ништо поважно од здравјето на граѓаните и тоа треба да биде центарот на програмата. Самиот рече дека загадениот воздух бара итно решавање и дека за Скопје е потребна итна стратегија, а на граѓаните им е потребен квалитетен воздух и дека никој системски не се бори со загадениот воздух. Шилегов ветуваше преземање краткорочни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето. Исто така кажуваше дека во прв план му е заштитата на парковите и дрворедите и сите зелени површини, како и зголемување на процентот на зелените површини за 50 отсто. Но за една година евидентно не се зголемија зелените површини којзнае колку, бидејќи се изградија само паркот кај Градежниот факултет и оној кај Филхармонијата, а доправа ќе се доуредува и првпат се прави дрворед на Бит-пазар. За тоа дали ќе се засадат осум илјади дрвја до крајот на годинава, останува да се види. Најавуваше и дежурни служби во општините, кои би требало да функционираат 24 часа, 365 дена во годината. Најави и засилен мониторинг на сите загадувачи, а од градот немаше никаква реакција и одговор летово за палењето огнови од жителите на дивата населба покрај кејот на Вардар, близу Момин Поток, во која се населиле речиси двесте бездомни лица. Загадувањето се решава и налето, не само во зима, кога ќе почне грејната сезона. Шилегов вети постави филтер на акцелераторот на „Дрисла“, ама загадувањето на воздухот со ПМ 10 честички не се намали во Скопје и не може да се промени податокот дека загадениот воздух одзема животи.
Бидејќи градоначалникот по истекот на првата година од неговиот мандат не даде класичен отчет пред новинарите, туку им приреди богата вечера со многу сатира и хумор за градските проблеми, прашавме во градот кои се проектите што во првата година останаа нереализирани и кои биле пречките за да не бидат завршени докрај.
– Градот Скопје реализира голем број проекти за подобрување на квалитетот на животот на сите негови жители. Во таа насока се реализираат голем број програми и активности, каде што најголемите се реализираат во повеќегодишни програми и акциски планови, а не се прават година за година. Доколку понекогаш има одредени доцнења во реализацијата или се одвива со побавна динамика од предвиденото, тоа најчесто е поради доцнењата во административните процедури, тендерирањата и јавните набавки – вели Ваљон Салиху, раководителот на Одделението за односи со јавност во градот.
Скопјани добро паметат дека имаше најава и за вложување во нови и обновливи извори за да се намали употребата на огревното дрво и нафтата во домаќинствата. Штом градот го формира новото претпријатие „Градски енергетски системи“, градоначалникот уверено најави дека претпријатието ќе профункционира оваа грејна сезона. Но како што сега стојат работите, тоа не се случи. А дури и да се завршат сите постапки околу неговото формирање и добивање лиценца од Регулаторната комисија за енергетика, голем дел скопјани повторно не ќе можат да се приклучат кон топлификациската мрежа токму поради тоа што таа е далеку од нивните домови и некој треба да ја изгради. Затоа и оваа зима многу домаќинства и понатаму се греат на дрва и нафта, можеби дел и на ќумур, кој никако не е пожелен за употреба кога е во прашање воздухот. Овие домаќинства добија можност од градот, односно дел од нив, да ги искористат субвенциите за чистењето на оџаците, кое зимава и не може да придонесе многу за намалувањето на загадувањето на воздухот, за кое, како што рече самиот во изборната програма, се потребни итни мерки. Јавноста е револтирана и сведочи дека некои од многу сериозните ветувања се заменија со еден несериозен однос кон актуелните проблеми, особено кога на сериозните дискусии, како за воздухот, видоа како градоначалникот си игра игри на својот мобилен телефон.
Скопје и натаму е нефункционален град, а граѓаните постојано се заглавени во метеж. Тие ниту имаат брз ниту удобен јавен превоз и се возат со стари и дотраени автобуси. Низ скопските улици сообраќаа само два еколошки автобуси, и тоа пробно, а неодамна беше одобрен заемот од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за купување на 35 екоавтобуси, со најсовремена ИТ-апаратура. Проектот за подобрување на јавниот превоз вреди 11,8 милиони евра, а градот доправа треба да ги купува автобусите. Но додека да дојдат тие, скопјани ќе се возат во старите, бидејќи и оние украинските и кинеските што беа набавени од претходната власт во голем број не се во употребна состојба. Проблемот со старите автобуси не е само во тоа дека се расипуваат, туку дека и тие придонесуваат за загадувањето на воздухот. А за да се намали тоа, градот неодамна исчисти 320 диви депонии, односно подигна 3.600 кубни метри смет. Но зошто се дозволило да се насобере толку ѓубре, каде биле комуналците, комуналните редари и инспектори, а секако каде е тука и свеста на оние што не научија каде се депонира сметот.
– Меѓу другото, во нашата програма предвидуваме и тим, луѓе што перманентно ќе работат на расчистување на дивите депонии, на расчистување на каналите, на расчистување на сметот, за да обезбедиме здрава животна средина за граѓаните – кажа Шилегов во изборната кампања.
Комуналците не треба да се активни и да казнуваат само сега, бидејќи хигиената треба постојано да се одржува. Таа исто така беше еден од приоритетите на градоначалникот, кој навистина првпат исчисти некои од населбите од насобраното ѓубре со години. Ама евидентно е дека Скопје уште важи за валкан град.
Дури и за инфраструктурата, Шилегов имаше кажано дека мора да се смени, да се прави плански и дека пешакот и неговата безбедност се најбитни. А само како пример на најпознатата градска улица, Рузвелтова, пешакот оди слалом, по тротоарот и коловозот на сообраќајницата, затоа што тротоарот постојано е преполн со паркирани возила. Така е на многу други скопски сообраќајници, а пешакот е постојано изложен на опасност од пребрзото возење и при преминувањето на бледо обележените пешачки премини. Да не ги заборавиме и ноќните моторџиски трки, кои ги ставаат во опасност минувачите по улиците и ги оставаат без сон граѓаните. Пред да биде избран за градоначалник, Шилегов зборуваше и за атмосферската канализација, како рак-рана на градот, поради што по секој дожд многу улици се полнат со вода, а така е и сега, една година по неговото раководење со градот. Не се промени градот многу ниту во инфраструктурна смисла, за која говореше како кандидат за градоначалник, потврдувајќи и самиот дека инвеститорите во индустриските зони бараат инфраструктура за да можат да вложат во индустриските зони, па дури најави и булеварско решение за Визбегово. Сѐ уште само во најава се пробивањето на тунелот под Кале и мостот од Аеродром кон Автокоманда, а и многу други проекти чекаат реализација.