Конкурсот за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за локалитетот фабрика Треска од денес е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки и на официјалната веб-страница на Општина Центар.
Програмската задача што е креирана од стручната Комисија ангажирана за изготвување на задачата, има цел да обезбеди комбинирани содржини, односно станбен и деловен фонд во рамнотежа со јавниот простор, како и нови содржини за изградба на нова детска градинка, придружни комерцијални и јавни содржини во функција на домувањето, содржини од областа на културата, зачувување на просторните маркери од локалитетот, зеленило со еколошка функција и одржливост во планирањето на сообраќајот.
– Идејата за конкурсот произлезе од граѓанската иницијатива доставена во месец јануари 2020 година, а беше позитивно прифатена од Советот на Општина Центар и од мене како градоначалник. Во Европа вообичаена пракса е просторното уредување на поранешните индустриски зони да се проектирааат врз основа на јавен конкурс и затоа ние како локална самоуправа сметавме дека конкурсот е правилен начин за урбанистичко планирање што ќе биде во корист на јавниот интерес – изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Во споредба со актуелниот план, придобивките што се очекуваат од Конкурсот за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за локалитетот фабрика Треска се зголемување на површината за јавни функции до 47 проценти, локација за нова детска градинка со капацитет за 250 деца, детски и спортски игралишта и зачувување на зелениот фонд, согласно новиот Правилник за урбанистичко планирање. Споредбено со важечкиот план, станбените и деловните згради ќе имаат поквалитетно просторно решение што на самите инвеститорите ќе им се овозможат нови поволности за добивање поквалитетни решенија за станбени заедници и паркинг-простор.
За потребите на конкурсот Општина Центар обезбеди ажурирана подлога, геодетска снимка на постоечките дрвја, односно 95 дрва се геореференцирани, нумерирани и фото-документирани. Дополнително е направена анализа на сопственоста на земјиштето и објектите, спроведени се нумерички анализи и анализи на планските документации, како и други достапни податоци што ќе им овозможат на учесниците да се фокусираат на аналитичкиот и креативниот аспект на решението.
Право на учество на конкурсот ќе имаат домашни и странски физички и правни лица, со услов едно лице да има валидно овластвување од областа на урбанистичкото планирање. Согласно големината на конкурсната задача, заинтересираните кандидати ќе може да аплицираат во периодот од 24 јуни до 1 септември 2021 година. По завршување на конкурсот и фазата на оценување на испратените трудови, најдобрите тројца кандидати ќе бидат наградени со паричен фонд, а трудовите ќе бидат изложени на архитектонска изложба за јавноста.
Целосната документација ќе биде достапна на Електронскиот систем за јавни набавки и на официјалната веб-страница на Општината.