Инспекциските служби на градот Скопје и на повеќе општини, според нивните кажувања, константно се на терен и работат на превенирање и решавање на прекршоците поврзани со палењето различни отпадни материјали, но проблемите сѐ уште се присутни
Скопје продолжува да се бори со загадувањето и налето. Додека во зимскиот период густиот смог и токсичните концентрации на ПМ10 честички во воздухот им беа припишани на големиот број домови што се загреваат на дрва, на сообраќајот и на скопската депонија „Дрисла“, сега се наметнува прашањето како и зошто и во овој дел од годината главниот град повторно се задушува. Констатацијата дека сите овие фактори влијаат на квалитетот на воздухот е точна, но секојдневно се покажува дека силно влијание врз животната средина има палењето различни отпадни материјали, како што се гуми, кабли и слично, на повеќе локации низ градот, а најчесто по кејот на реката Вардар.
„Нова Македонија“ во неколку наврати посочуваше на таквите случувања, главно во привремените населби на неколку локации во Скопје, институциите ветија дека ќе се обидат да ги решат проблемите, но практиката со палењето отпад и ширењето непријатна миризба во главниот град продолжува.
Инспекциските служби на градот Скопје и на повеќе општини, според нивните кажувања, константно се на терен и работат на превенирање и решавање на ваквиот вид прекршоци, но проблемите сѐ уште се присутни.
Поконкретно, инспекциските служби на градот пред неколку дена на лицата населени во привремената населба во близината на НБРМ и на лицата лоцирани на кејот на Вардар под скопско Кале им изрекле опомена за нарушување на комуналниот ред и јавната чистота. Дополнително, како мерка за спречување на палењето огнови на отворено, градот Скопје спроведе кампања и промовира телефонски број за пријавување на овој вид прекршоци. Но по сѐ изгледа дека дури ниту инспекциите ниту казните не ги спречија овие штетни појави.
Еден од таквите примери можеше да се забележи во Гази Баба, каде што пред неколку дена повторно беше забележан густ чад. Од оваа локална самоуправа посочија дека постојано имаат координирани акции со инспекторите од градот Скопје на терен, па, така, изрекле и зголемен број казни. Но граѓаните и понатаму палат отпад.
Овој вид еколошки проблем постои и на другата страна на градот, па, така, во реонот на општините Ѓорче Петров и Сарај, граѓаните на социјалните мрежи се жалеа на ужасна смрдеа и густ чад од одредени локации на кејот на Вардар. Од општината Ѓорче Петров потврдија дека во минатото имало серија пријави на граѓани поради горење отпад, но тие, во соработка со градот Скопје и со Државниот инспекторат за животна средина, успешно биле решени.
– На територијата на општината Ѓорче Петров повеќепати е интервенирано при помали случаи на палење отпад, кој е главно органски, односно од пластеници. Таквите активности и во иднина ќе се превенираат, а по потреба и санкционираат од страна на надлежните служби при општината – велат од општината Ѓорче Петров.
Чад се појави и во Карпош, каде што изминатиот викенд овластен инспектор на оваа локална самоуправа заедно со полицијата во близината на салата „Борис Трајковски“ констатирал бесправно населени лица што се занимаваат со собирање секундарни суровини, а притоа палат секаков вид отпад: пластика, гуми, хартии. Од општината дополнително информираа дека веднаш се преземени мерки од полицијата и од нивна страна за дислоцирање на привремената населба и оттогаш на таа локација се вршат секојдневни контроли.
Од друга страна, во општината Аеродром, каде што контролите на инспекторите се засилени во летниот период, кога постои опасност од пожари, не биле забележани појави на палење отпаден материјал покрај кејот на Вардар.
Независно под чија контрола е територијата на која, како што повеќепати е потврдено, се палат гуми, пластика, кабли и слични токсични материјали, на проблемот треба да му се посвети големо внимание. Надлежните инспекторати, градот и општините со засилување на контролите, но и со санкции и едукација на оние што ги предизвикуваат, треба конкретно да дејствуваат и да го искоренат овој проблем, кој, со поголем или помал интензитет, константно го задушува градот. П.С. – Х.Ј.