Во насока на непречен развој на градот во иднина, направени се и се прават истражувања за потенцијалните извори на водоснабдување што претставува голем чекор напред во однос на заштитата на изворот Рашче, како и обезбедување на неговата одржливост, посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, додавајќи дека за претпријатието секој ден е светски ден на водата

ДЕНЕСКА Е СВЕТСКИ ДЕН НА ВОДАТА

Денеска е Светскиот ден на водата. На овој ден се слави водата, се издигнува свеста за оние 2,2 билиони лица што живеат без вода и без пристап до вода. Веќе многу години живееме во време на временски (не)погоди, во услови на драстични промени на временските услови, кои негативно влијаат на водоснабдувањето. Некои цивилизации никогаш не ни имале можност да дојдат до чиста и пивка вода, па токму затоа и од огромна важност е да сме свесни дека мора да ја користиме водата свесно и рационално. Ние сме еден од ретките градови во светот чии жители уживаат во природна вода, па затоа и од огромна важност е многу претпазливо да се однесуваме кон природата за истата таа да продолжи да ни ја дава водата од изворите. Бидејќи факт е дека без вода нема живот.

ЗНАЧЕЊЕТО НА ВОДАТА СЕ ПРОСЛАВУВА 28 ГОДИНИ

Првпат Светскиот ден на водата бил одбележан од страна на Обединетите нации во 1993 година. Оттогаш се одржани многубројни кампањи и активности со кои се работи на издигнување на свеста за значајноста на пивката вода, за тоа дека таа е многу значајна и оти треба добро да се менаџира со неа.
Овој ден е за преземање акции за намалување на глобалната криза за овој еликсир на животот, кои треба да доведат до надминување на кризата и обезбедување вода за сите до 2030 година. Годинашната тема е за вреднување на водата, односно како луѓето ја вреднуваат водата.
Оваа година Светскиот ден на водата ќе се прославува само онлајн поради коронавирусот, кој никако да престане да го зема својот данок.
Светскиот ден на водата е ден на кој Обединетите нации ја назначуваат важноста на пивката свежа вода. На овој ден исто така се става акцент и на менаџирањето со изворите на водата, а најчесто темите околу кои се одвива одбележувањето на овој ден се чиста вода и хигиена. Секоја година, темата на одбележувањето на Светскиот ден на водата е различна. Минатата година се однесуваше на водата и климатските промени, а во 2019 година темата се однесуваше на тоа зошто толку луѓе се оставени без пивка вода. До чиста вода за пиење се обидуваат да дојдат голем број маргинализирани групи, како што се жените, бегалците, лицата со одредени недостатоци и децата.
Секоја година пораката за Светскиот ден на водата пристигнува до милиони лица во светот преку социјалните медиуми, интернет-страници и други канали. Само во 2017 година биле направени 700 индивидуални настани во 110 држави во светот, а повеќе од половина милион автори на социјалните медиуми го користеле хаштагот Светски ден на водата. Во 2018 година имало зголемување за 25 проценти во посетата на интернет-страниците со оваа тематика и страниците направени на социјалните медиуми.

ВРЕДНА РАБОТА ПОВЕЌЕ ОД 100 ГОДИНИ

Скопје е еден од градовите во кој со гордост можеме да кажеме дека водата од чешма е здрава и безбедна за пиење. Меѓутоа, за ние да имаме чиста вода за пиење, некој деноноќно работи за да ни го обезбеди тоа.
Основната дејност на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е обезбедување чиста и здрава вода за пиење, нејзина дистрибуција до секој корисник, како и одведување и третман на урбаните отпадни води. Во таа насока водоводното претпријатие повеќе од 100 години ги вложува своите капацитети и ресурси и овозможува услови за водоснабдување на Скопје со пивка и квалитетна вода од изворот Рашче.
Денес над 1.200 вработени во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, предводени од тим професионалци во својата област, се грижат за одржувањето на изворот Рашче, неговата заштита, проверката и потврдата на квалитетот на водата, приемот на водата во системот, нејзината безбедна дистрибуција до крајните корисници, како и за третманот на отпадните води.
– Имајќи го предвид фактот дека водата е извор на животот, а ние имаме и користиме вода од природен извор, што е навистина реткост во Европа и светот, вложувањата на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје се во насока на унапредување на работните процеси, стандардизацијата, модернизацијата и заштитата на водата и на животната средина во чекор со најновите европски и светски директиви што обезбедуваат одржлив развој, сигурност, безбедност и можности за задоволување на потребите на корисниците и градот Скопје.

Во насока на непречен развој на градот во иднина, направени се и се прават истражувања за потенцијалните извори на водоснабдување што претставува голем чекор напред во однос на заштитата на изворот Рашче, како и обезбедување на неговата одржливост – посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, додавајќи дека за претпријатието секој ден е светски ден на водата.
– Водата од изворот Рашче е природна, квалитетна и по својот состав и минералогијата не само што е на второ место во Европа туку е и од витално значење за здравјето на граѓаните и нивниот квалитет на живот. Нашиот високостручен тим во Секторот за санитарна контрола ги гарантира квалитетот и исправноста на водата за пиење од изворот Рашче. Тој се потврдува преку испитувањата што секојдневно се изведуваат во хемиската и микробиолошката лабораторија, кои се единствени акредитирани и сертифицирани лаборатории за изведување таков тип испитувања во нашата држава и чии резултати и постигнувања се потврдени од институции на европско и на светско ниво – вели Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола, при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

[email protected]